Сегашноста не е иста низ владини и опозициски очила

Катерина Блажевска

Мeндела рекол: „Не можеш да имаш влијание врз општеството ако не се промениш самиот.“ Ова е повеќе од изјава, ова е наша заклетва да ја трансформираме оваа земја, порача вицепремиерот Фетаи.

Опозицијата критикува за комплетно отсуство на резултати и скршнување од геостратешкиот курс на земјата, владејачките партии категорично ги отфрлаат таквите оценки во одбележување на сто дена од владата. Ги отфрлаат и шпекулациите дека ДУИ наскоро може да стане дел од владејачката коалиција, какво што очекување изрази координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

„Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на едни многу добри односи и мене нема да ме изненади и за очекување ми е дека во наредниот период ДУИ би била сигурно дел од Владата”, изјави Спасовски во интервју за РСЕ.

Тој став го темелел на поддршката што ДУИ ја дала за усвојување на неколку закони предложени од ВМРО-ДПМНЕ, за кои потребното двотретинско мнозинство се обезбедило и со гласовите на ДУИ.

Случајно или не, од ДУИ на социјалните мрежи објавија фотографија, под која високите партиски функционери се пофалија со работната атмосфера во партиското седиште и со пораката: „Тука сме и подготвени!“

За што се подготвени?

Според извори блиски до врвот на ДУИ, партијата ќе има активности на кои ќе го изразува незадоволството од политиките на Владата и посебно на Вреди, пред сѐ, доминантно за прашања што се однесуваат на албанската етничка заедница, но и за интеграцискиот пат на земјата. Но, соговорниците не го прецизираат видот на активности, и дали за нив се однесува пораката „тука сме и подготвени”.

Во владејачката Вреди, со потсмев ги коментираат ваквите најави.

„Додека одат по паметот на господинот Груби, со неговите смешни кампањи, не им се пишува добро“, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште подиректно одговорија на изјавата на Спасовски, а на СДСМ му предвидоа „пасокизација“.

„Да не се грижат Спасовски и СДС, ДУИ не им го земаме, заедно од опозиција ќе гледаат како Македонија оди напред. СДС не знаат веќе што да направат, затоа што рејтингот им се топи како коцка мраз на +40°С. Сега се послаби од што беа на последните избори (…) Пасокизацијата во СДС е процес кој тргна и нема назад. Спасовски наместо да се сокрие и да се срами затоа што беше министер во МВР со најголем број на убиства за кои сторителите уште не се фатени, тој дава изјави и интервјуа. Дали до толку СДС го потценува народот? И знаат ли дека сѐ повеќе губат со тоа?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Поглед од свој агол

Колку што има партии, толку има и оценки кој е добитник, а кој губитник во политката. ДУИ останува цврсто на ставот дека губитниците на претседателските и парламентарните избори се Вреди и дека тие секојдневно ја оддалечуваат земјата од интеграција во Европската унија и ја приближуваат до стратешко партнерство и финансиска зависност од Кина и Русија.

„Одлуката на ЕУ да ја одвои Албанија од Северна Македонија во нашиот европски пат е најголемиот неуспех за владата со моноетнички легитимитет. Албанските партии кои ги загубија изборите потпишаа предизборна декларација и ветија дека никогаш нема да станат дел од влада без промена на Уставот и деблокирање на европскиот пат на земјата. Ветија и дека за три до шест месеци ќе го сменат Уставот, во спротивно ќе излезат од владата. Но, повторно ги излажаа граѓаните. За само 100 дена ја оддалечија земјата од Европа, предизвикаа непријателства со Грција, Бугарија, Косово и Албанија, а притоа ја доближија до Србија, Унгарија, Русија и Кина“, критикуваат од ДУИ.

Влада на Северна Македонија

Не е првпат Вреди да е изложена на такви обвинувања. Оваа коалиција нив ги доживува како дел од машинеријата на ДУИ за продуцирање лажни вести, па во изминатите период дел од напорите на Вреди биле насочени и кон демаскирање на тие лаги.

„Не попуштаме под притисокот на корумпираните и нивната машинерија за лажни вести. Направивме многу добра работа за доброто на Албанците и на секој граѓанин на оваа земја“, нагласи вчера вицепремиерот Фетаи по повод сто дена на Владата. Потенцира дека предизвиците со кои се соочиле беа тешки, затоа што наследиле масакриран и потрошен буџет со стапка од 71% за изборни цели и кланско и индивидуално богатење, како и систем заробен од корупциска епидемија. Но посочи и дел од резултатите пред истекот на првите сто дена – инвестиции од 100 милиони евра во општините до крајот на годината, зголемени пензии, први резултати во борбата против коцкањето, вработувања за лекари специјалисти, иницирање на Албанска академија за уметност и науки… Според него, промената не смее да биде само формална.

„Вреди никогаш не се осмелува да се гледа како замена на ДУИ, затоа што Вреди е револт создаден со години, но досега никогаш не бил канализиран за да донесе промени кај Албанците од оваа земја. Вреди не смее и никогаш нема да стане ДУИ. Можноста што ни е дадена од Албанците, е аманет. А ние аманетот не го газиме, ниту го продаваме”, порача Фетаи.

Тој во обраќањето го цитираше Мендела.

„Како што рекол големиот Нелсон Мендела: ‘Никогаш не можеш да имаш влијание врз општеството ако не се промениш самиот. Големите политичари се луѓе со интегритет, чест, но и понизност.’ Ова е повеќе од изјава, ова е нашата заедничка заклетва и посветеност да ја трансформираме оваа земја“, порача вицепремиерот Фетаи.

По повод 100 дена на новата Влада, премиерот Мицкоски утре (1.10.) ќе одржи прес-конференција. Под слоганот „100% посветени! За тебе“, Мицкоски ќе ја презентира досегашната работа, проекти и мерки кои биле спроведени во изминатите 100 дена.

 

 

Back to top button
Close