Владите на Македонија и Косово на заедничка седница во Приштина

Во Приштина денеска ќе се одржи заедничка седница на владите на Македонија и Косово, на која ќе бидат потпишани неколку меѓудржавни договори. Како што е најавено, на почетокот ќе се одржи одвоена средба на премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, а во исто време ќе започнат и средбите на министрите од двете влади.

Се наведува дека заедничката седница на двете влади започнува во 12 часот, додека договорите ќе бидат потпишани во 13 часот и 30 минути.

Како дел од агендата, министрите од двете влади ќе одржат тет-а-тет средби. Тие ќе ги истражат можностите за продлабочување на билатералната соработка во повеќе области, со фокус на конкретни иницијативи кои ќе ги поврзат Македонија и Косово.

По завршувањето на седницата, ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка. Овие документи ќе создадат основа за нови иницијативи, проекти и активности кои ќе ги зајакнат односите помеѓу двете земји.

Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

 

Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.

Седницата ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Мицкоски и Курти во 13:45 часот. На неа ќе бидат соопштени резултатите од дискусиите, како и идните чекори за соработка

Back to top button
Close