Сириските бунтовници пронашле голем склад со дрога со кој управувал братот на ал-Асад
Безбедносните сили на новата сириска Влада денеска соопштија дека пронашле голем магацин за производство и складирање на дрога, вклучително и каптагон, наркотик наводно шверцуван од режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад во богатите земји од Персискиот Залив, заработувајќи милијарди долари.
Според извештаите, овие незаконски операции биле надгледувани од Махер ал Асад, брат на поранешниот претседател Башар ал Асад. Се проценува дека во 2021 година сириската Влада заработила најмалку пет милијарди долари од продажбата на каптагонот, односно три пати повеќе од заработката на мексиканските картели, пишува „Дејли Меил“.
Сепак, производството на каптагон, кој исто така се нарекува фенетилин, наводно речиси во целост е запрено откако Асад побегна во Русија и исламистичките бунтовници ги зазедоа главните фабрики за каптагон во крајбрежните области на Сирија.
Неименуван европски функционер изјави дека производството на овој наркотик е намалено за 90 отсто, а останале само „мали, расфрлани“ лаборатории за производство на каптагон.
Безбедносниот аналитичар Николас Кроули предупреди дека намалувањето на шверцот и производството на наркотици можеби нема да потрае и тој очекува ирачките милиции поврзани со Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран да го искористат вакумот и повторно да ја покренат илегалната трговија.
Каптагон се смета за супстанца што ја користат борците, бидејќи им помага да се чувствуваат посилни и помалку уморни, а израелските медиуми тврдат дека борците на Хамас го консумирале овој наркотик непосредно пред нападот врз Израел на 7 октомври минатата година.