Бербок ги повика Турција и Израел да не ја загрозуваат транзицијата во Сирија

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, ги повика денеска Израел и Турција да не ја загрозуваат мирната транзиција во Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал Асад, јавија француските медиуми.

-Не смееме да дозволиме процесот на внатрешен сириски дијалог да биде поткопан однадвор, рече Бербок на прес-конференција во Берлин.

Бербок додаде дека „соседите, како Турција и Израел, кои ги потврдуваат своите безбедносни интереси, не смеат да го загрозат процесот“.

Од падот на Асад, Израел нападна бројни воени локации во Сирија, од складишта за оружје до бродови, наведе Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права, што ја следеше граѓанската војна во земјата.

Израел, исто така, испрати војници во тампон зоната патролирана од силите на ОН источно од Голанската висорамнина, окупирана во војната во 1967 година и подоцна анектирана.

Турција, пак, е загрижена дека курдските сепаратисти би можеле да ја искористат предноста од соборувањето на Асад и да се обидат да го прошират своето влијание во Сирија, каде што доминираат на голема област на североистокот од 2012 година.

Анкара ги смета курдските сили, особено милитантната група ЈПГ, за продолжување на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која води крвав бунт против турската држава од 1984 година.

Откако Асад избега од земјата, групите поддржани од Турција започнаа офанзиви во северна Сирија.

Француските медиуми објавија дека силите предводени од Курдите во североисточниот дел на земјата денеска постигнале примирје со борците поддржани од Турција во Манџиб, град со доминантно арапско население, а беше поприште на жестоки борби. Прекинот на огнот е постигнат благодарение на посредништвото на САД.

Бербок денеска рече дека во Сирија се пишува ново поглавје, додавајќи дека „исходот од револуцијата не е сигурен“.

-Сега мора да се стремиме да промовираме позитивни случувања во Сирија и да ги спречиме негативните влијанија, рече германската министерка, објаснувајќи дека тоа значи дека е потребен дијалог воден од Сирија, поддржан од Европејците и Германците.

„Не смее да се дозволи Сирија да стане пион во рацете на странските сили“, изјави шефицата на германската дипломатија.

Back to top button
Close