Унгарскиот Парламент го менува изборниот закон во корист на партијата на Орбан

Унгарскиот Парламент со големо мнозинство изгласа промени во распределбата на местата по изборите, што ќе го намалат бројот на претставници од главниот град, пренесува ДПА.

Одлуката беше поддржана од 134 пратеници од партиите кои учествуваат во владата на премиерот Виктор Орбан, додека 52 пратеници гласаа против, според веб-страницата на парламентот.

Според измените, Будимпешта во иднина ќе има 16 директни изборни окрузи, наместо досегашните 18. Округот Пешта, кој ги опфаќа руралните области околу главниот град, ќе има 14 директни окрузи наместо претходните 12.

Овој потег се смета за поволен за партијата на Орбан, бидејќи гласачите во Будимпешта претежно се противници на актуелната влада, додека жителите на околните региони во голема мера го поддржуваат Орбан, забележува ДПА.

Противниците на промените тврдат дека демографските промени во областа на Будимпешта не ги оправдуваат измените.

„Изборите се ближат, а Фидес повторно сака да ги смени правилата“, изјави либералниот градоначалник на Будимпешта, Гергеи Карачон, во ироничен коментар на Фејсбук.

„Повеќе од една деценија партијата го манипулира системот пред секои избори за да ја искриви волјата на гласачите во своја полза“, додаде тој, нарекувајќи ја одлуката „одмазда“ кон непослушниот главен град.

Друга промена предвидува изборните места веќе да не обезбедуваат коверти за гласачките ливчиња. Според критичарите, ова е чекор кон поткопување на тајноста на гласањето. По измената, изборните службеници ќе можат полесно да утврдат како гласале гласачите, особено во помалите изборни окрузи.

Следните парламентарни избори се закажани за пролетта 2026 година. Орбан, кој е критикуван од Европската Унија поради неговите авторитарни методи, е премиер на Унгарија од 2010 година. Од февруари оваа година неговата влада е под притисок од поранешниот сојузник Петер Маѓар, чија партија моментално има повисок рејтинг од Фидес, партијата на Орбан.

Back to top button
Close