Орбан доаѓа во ненадејна посета на Бугарија на средби со Радев и Борисов

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе престојува во ненадејна посета на Бугарија, јави БГНЕС.

Орбан нема да се сретне со вршителот на должноста премиер Димитар Главчев, кој престојува во Брисел.

Според првичните информации, унгарскиот гостин се очекува да има разговори со претседателот Румен Радев и лидерот на ГЕРБ-СДС Бојко Борисов.

Една од најверојатните теми ќе биде транзитот на руски природен гас преку „Балканскиот тек“ за земјите од ЕУ, вклучително и Унгарија. Плаќањето на овие давачки се врши преку Гаспромбанк, на која САД воведоа санкции.

Унгарскиот премиер, по формирањето на новата македонска влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Охрид во септември се понуди да посредува меѓу Македонија и Бугарија за решавање на несогласувањата и за деблокирање на македонските евроинтеграции, но властите во Бугарија ја одбија оваа понуда на Орбан.

Засега нема информации дали и ова прашање ќе биде на маса при разговорите со бугарскиот претседател Радев и со лидерот на победничката партија на октомвриските избори Бојко Борисов за кој не е извесно дека ќе биде премиер на новата бугарска влада за која во моментов течат партиски преговори.

Back to top button
Close