Германија повеќе нема да ги финансира црквите?
Двете најголеми цркви во Германија – Католичката и Евангелистичката – добиваат околу половина милијарда евра од даночните обврзници секоја година. Владата на Олаф Шолц имаше намера да го прекине државното финансирање.
Владејачката коалиција на Социјалдемократите, Зелените и Либералите имаше намера да претстави нацрт-закон со кој ќе се укине државното финансирање на две големи христијански цркви во Германија, и покрај тоа што се побунија германските покраини. Затоа, владата имаше намера да ја спроведе реформата за да не биде потребна согласност од Бундесратот, законодавното тело во кое се застапени покраините.
„За жал, блокадата на покраините ја принудува коалицијата да го направи овој потег“, рече пратеничката на Либералите, Сандра Бубендорфер-Лихт за агенцијата дпа.
Не е во ред, рече таа, да се чека „децении или векови“ на оваа реформа.
Црквите добиваат повеќе од половина милијарда евра годишно
Официјално, Католичката и Евангелистичката црква во Германија добиваат буџетски пари поради национализацијата на црквите и манастирите во 19 век кога се зајакнуваше процесот на секуларизација.
Тие пари им ги плаќаат покраините – сите освен Хамбург и Бремен.
Во последните години, сумата порасна на 550 милиони евра годишно низ цела Германија. Така, како што пишува јавниот сервис АРД, парите на даночните обврзници кои немаат никаква врска со тие верски заедници одат во црквите.
Верниците, од друга страна, имаат можност да го платат таканаречениот црковен данок, кој може да варира во зависност од покраината, но е приближно 9 отсто од данокот на доход. На пример, верник кој сака да плаќа данок и заработува 30.000 евра бруто годишно, ќе плаќа околу 350 евра годишно за црквата.
Така, секоја од двете големи цркви добива лавовски дел од приходите – приближно шест милијарди евра годишно.
Народот ја напушта црквата
Но, и двете големи цркви, но особено Католичката, која е проследена со разни скандали, имаат се помалу приврзаници.
Минатата година, 400.000 луѓе ја напуштија Католичката црква во Германија, а една година пред тоа, повеќе од половина милион од нив ја напуштија црквата. Најголемата протестантска црква минатата година ја напуштија 380.000 луѓе.
Франкфуртер алгемајне цајтунг во анализа пишува дека освен медиумските написи за скандали во црквата, друга можна причина е тоа што помладите генерации не се чувствуваат поврзани со црквата дури и да се крстени.
Католичката црква на крајот на минатата година официјално броеше 20,35 милиони верници, а Евангелистичката 18,56 милиони. Така, вкупниот број на нивните верници падна на помалку од половина од населението. Во времето на обединувањето на Германија, тој удел сè уште беше околу 70 проценти.
Покраините се противат
Владејачката коалиција сакаше да ги скрати и државните бенефиции, а за тоа веројатно ќе биде потребна последната финансиска инјекција, која, очигледно, повторно ќе треба да ја платат покраините.
Владејачката коалиција во Берлин имаше проблем и со покраините предводени од политичари од нејзините партии.
Така, премиерот на Долна Саксонија, социјалдемократот Штефан Вајл рече дека покраините се „единствени“ во нивниот став. „Можам само да ја советувам (Владата) да се откаже од овој план“.
Главниот аргумент на Вајл е дека покраинските буџети во моментов не дозволуваат на црквите да им се исплати поголема сума што практично би ја прекинала обврската за понатамошно финансирање. (DW)