ДУИ се бори за својот идентитет
Генерално, приказната за ДУИ откако се состави новата влада е приказна на блага конфузија. Уште во последните десетина денови од кампањата за изборите во мај 2024 ДУИ го загуби наративот. Некој ќе каже дека се врати на основните пораки од револуционерните години на партијата, но тоа беше главно рециклажа на работите за кои и самата тврдеше дека во голема мерка се завршени. А кога рециклираш стари работи тие ја немаат свежината на оригиналот, па често се гледаат и како истрошени.
Да ги погледнеме само последните изјави од оваа недела. Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека во Белград се подготвувал проект и се спроведува во Македонија за уривање на статусот на Албанците од државотворен народ во малцинство. Османи рече дека упатиле братски апел до „Вреди“ за да се здружат да го стопираат овој проект.
„Историјата ќе ви суди дека го легитимиравте проектот за рушење на нашата државотворност што некој ја донесе со крв пред 20 години“, рече Османи.
Тој уште нагласи дека ќе се предизвика длабока политичка криза и не ќе можат да се одржат локалните избори, па тогаш ќе требало да се седне на маса уште еднаш. Во средината на март Уставниот суд треба да донесе одлука за Законот за јазиците што може да предизвика сериозни политички потреси, откако укинувањето на балансерот имаше слаба експлозивна моќ. ДУИ се надева дека ќе може да анимира големи протести ако има „лоша одлука“, затоа што тоа е „морална, национална и човечка обврска кон оние што дадоа живот за овој јазик“.
Неколку дена пред него слична изјава даде и лидерот на партијата Али Ахмети.
Ова се комплицирани времиња за ДУИ и партијата уште не знае што да прави и како да се постави откако не влезе во владата, и како да ги конципира своите политики. ДУИ беше еден од главните протагонисти на европскиот пат на Македонија. Не само што Бујар Османи беше министер за надворешни работи, туку и затоа што политиката на партијата беше целосно фокусирана на ЕУ. Сега, откако исполнувањето на условот за продолжување на преговорите – уставните промени – не е на политичкиот дневен ред, ДУИ сака да се акомодира на политичката ситуација. Како? Па, најдобро е со националистички пораки. Како што тоа го направи Али Ахмети во последната недела од кампањата за изборите и придонесе ВМРО-ДПМНЕ со контранаративот да добие уште 40-50.000 неочекувани гласови. Тогашниот премиер Димитар Ковачевски ги молеше двата националистички протагонисти да не играат на етничката карта. Но тогаш него веќе немаше кој да го слуша. ДУИ доби нешто плус гласови, а ВМРО-ДПМНЕ голем контингент.
Маргиналната улога на „Вреди“
Коалицијата „Вреди“ лесно се откажа од својот услов во првите шест месеци да се направат уставните измени и сега само ги повторува изјавите на премиерот или министрите од ВМРО-ДПМНЕ. Ним им е многу комотно во владата, свесни се дека не можат ништо посериозно да направат, а не ни размислуваат тоа да го постават како услов без кој не се може за да останат во кабинетот на Христијан Мицкоски. „Вреди“ објективно нема важна улога во владата, нејзините ресори се маргинализирани, нејзините кадри не оставаат печат; првиот вицепремиер Изет Меџити е министер за екологија и освен честите изјави посветени на политички пресметки со ДУИ (неговото партиско крвно сродство) зад него нема некоја посебно остварена работа. Ниту пак јавноста има претстава како работи ресорот. Тоа министерство во енормно загадената држава е целосно маргинализирано.
Целата коалиција „Вреди“ е во длабока сенка на ВМРО-ДПМНЕ и со изгубен идентитет. Дури и партиските соопштенија на „Вреди“ изгледаат како да се пишувани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и потоа се дистрибуираат до коалицијата. Лексиката, структурата и архитектурата на пораките го сугерираат тоа. Се разбира, тоа може да е сосема погрешна претпоставка и незаснована на факти. Но, бидејќи македонската политика во голема мерка е борба со секојдневни соопштенија на партиите (по неколку на ден) архитектурата на соопштенијата е многу важен детаљ. Или едноставно, „Вреди“ ја научиле моетодологијата на поголемиот партнер во владата и ја спроведуваат таа стратегија.
Кога партиципирањето на „Вреди“ во владата е маргинално, кога министер од третиот партнер ЗНАМ, грубо го навредува вицепремиерот Меџити, кога владата генерално не покажува резултати, нема реформи, замрзнат е патот кон ЕУ, инфлацијата не може да се запре, граѓаните имаа значајни очекувања, а сега се разочарани дека владата нема разработен концепт како да работи – ДУИ не знае што да прави. Оваа силна партија која заедно со неколку коалициски партнери во „Европскиот фронт“ освои најмногу гласови на парламентарните избори во албанскиот блок, го загуби политичкиот инстинкт и се врти во круг околу националистичките и етничките прашања. За Албанците тие секогаш биле многу важни, некогаш дури и најважни, но ДУИ сега сака да прави стар темел на партиската политика. Пред четири години се претставуваше како зелена партија, која тврдеше дека го менува наративот во граѓански проект. Потоа 24/7 работеше на европската агенда и во тоа потроши најголем дел од својата енергија, за сега да се сврти на национализмот.
Има неколку причини за тоа, но најважната е што европската агенда е истисната во Македонија. Втората е што парламентарната група на ДУИ во Собранието е прилично слаба и не отвора никакви дебати. Во неа има неколку поранешни министри, но тоа се бескрвни политичари, слаби оратори, претходно поврзувани со масивна корупција, па јавноста многу малку ги слуша кога зборуваат во Собранието. Или воопшто не ги слуша. Мистерија е кој беше мотивот на Али Ахмети да ја осакати пратеничката група, но вистински одговори тешко може да се најдат. Некои од „младите лавови“ на ДУИ, за кои јавноста имаше политичка почит – како Арбер Адеми и Крешник Бектеши – не се никаде во политичката констелација. Бектеши се појавува одвреме-навреме во некои телевизиски дебати, Адеми ни толку. Бујар Османи се врати на работа како хирург, а за партијата можеше да биде важен како пратеник. И сега со националистички пораки сака да го привлече вниманието.
Контроверзни пораки
Всушност, целата партија со контроверзни пораки сака да го привлече вниманието на јавноста, главно во албанскиот кампус, иако тоа е под нивото од пред една година. ДУИ сега се бори за својот идентитет, а не знае каде да го бара. Национализмот е најлесно засолниште. Изгледа дека и Али Ахмети со погрешни потези придонесува за маргинализирање на партијата. На локалните избори ДУИ би можела да биде најсилна партија во албанскиот блок (може така и ќе биде), но тоа би се случило благодарение на лошата работа на „Вреди“, а не на неуморната политичка активност на партијата на Ахмети. ДУИ веројатно ќе освои најмногу гласови на советничките листи, но може да загуби клучни градоначалнички места, како во Тетово, Струга, скопски Чаир, па дури и Кичево, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе застане целосно зад кандидатите на „Вреди“ за таа помош да им донесе победа. Во Тетово градоначалникот Билал Касами, лидерот на Беса, има прилично млак и контроверзен мандат зад себе. Тој изгледа како да е најголемиот националист во коалицијата „Вреди“, но нема да му пречи на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи. Ако ДУИ успее да го освои Тетово, тоа ќе биде удар не само за „Вреди“, туку и за ВМРО-ДПМНЕ.
Некои зборуваат дека Теута Арифи пак би можела да добие некоја многу важна функција во партијата. Иако секогаш била во врвот или околу него. Таа многу години е близок аѓутант на Али Ахмети. Наводно, таа би требала да биде мостот што треба да се изгради кон Изет Меџити. Арифи и Изет Меџити беа главните архитекти да се напушти Никола Груевски и коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 и да се формира влада со СДСМ. На кој начин би функционирале сега со Меџити? Ако овие шумолења се точни, Меџити и неговата партија Демократско движење би требало да ја напуштат коалицијата „Вреди“ и владата да влезе во криза.
Што би била целта? Тогаш ДУИ да влезе во владата? Во овој момент тоа изгледа неверојатно и политички самоубиствено за Изет Меџити. Но би значело големо задоволство за ДУИ, затоа што би се нашла онаму каде што мисли дека природно припаѓа. Во основа, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се најприродните партнери во македонската политика. Иако идеолошки не се слични (ВМРО веќе не е класична демохристијанска партија туку оди кон крајната десница, а ДУИ е повеќе левичарска структура), тие имаат извонредно разбирање во нивните кодови – тоа е национализмот и етничкиот ексклузивитет. Врските меѓу многу видни членови на двете партии и натаму се многу силни. ДУИ никогаш го немаше тоа разбирање со СДСМ.
За ДУИ е разочарување што американската амбасада изгледа веќе не смета на оваа партија. Кога американскиот и европскиот амбасадор една година секој ден зборуваа за корупцијата во Македонија, тие главно мислеа на ДУИ, иако јавно не можеа тоа да го кажат. Кога Артан Груби беше ставен на американската црна листа амбасадорката Анџела Агелер изјави дека била „многу задоволна“, иако заедно работеа на многу проекти, вклучително и изградбата на автопатишта на „Бехтел и Енка“, над кои стои голема сенка за корупција. Агелер го фрли низ вода еден од нејзините клучни политички соговорници без да трепне. Сега ДУИ бара контакт со новата американска администрација. Тоа може да ѝ успее, затоа што Али Ахмети е дел од групацијата на Хашим Тачи (кој уште е во ќелиите во Хаг) и другите структури на ОВК, додека коалицијата „Вреди“ е директно и со илјада ортоми поврзана со косовскиот премиер Албин Курти, кој одамна ја загуби наклонетоста на Вашингтон.
Во целата приказна за осомничените и избегани Артан Груби и Перпарим Бајрами нема ништо ново. Ниту се знае каде се, ниту јавноста последните 3-4 недели е посебно заинтересирана за нив. Полицијата не дава никакви детали. ВМРО-ДПМНЕ се откажа од политичкиот наратив да го споменува секојдневно Артан Груби, затоа што тоа веќе не служеше за ништо и имаше спротивен ефект. Затоа што ако многу се зборува за Груби, а ништо не се прави да биде донесен назад, а наводно ни полицијата не знае каде е, заедно со наводите дека тој ја напушти Македонија со премолчена дозвола на властите, тоа не е е наратив за политички придобивки. Затоа ВМРО-ДПМНЕ направи еден мал одмор од Груби. ДУИ, барем јавно, се дистанцира од Груби, „Вреди“ го споменува одвреме-навреме, колку темата да не биде целосно закопана. Многумина, особено од „Вреди“ тврдат дека Груби е во Албанија. Можеби и е. Ако е таму, тешко дека премиерот Еди Рама би го испорачал, поради блиските односи што ги градеа многу години.(dw)
Љупчо Поповски