Пророштвото на Џорџ Кенан

Денко Малески

Џорџ Кенан, американски амбасадор во Москва, се вклучува во дебатата за идните односи помеѓу Америка и СССР после Втората светска војна. Во анонимен текст потпишан како „X“, објавен во „Форен Аферс“, го изложува своето мислење дека Америка не треба да го искористи фактот дека има монопол над нуклеарното оружје за да го нападне Советскиот Сојуз, туку треба да се определи за „стратегијата на ограничување“ („containment strategy“ ) со цел да го спречи ширењето на комунизмот. Неговата, исправна стратегија која одбегна војна, доведе до победа на Америка четри децении подоцна под претседателство на Роналд Реган. Какви треба да бидат новите односи помеѓу Америка и Русија после падот на Берлинскиот зид? Во средиштето на оваа дилема беше дали треба НАТО да се шири во Источна Европа или да се размислува за нова безбедносна архитектура на европскиот континент заедно со Русија. Надвладеа логиката на силата, па америкаската моќ го исполни безбедносниот вакуум создаден по повлекувањето на руските војски. Набргу, американскиот сенат даде одобрување за оваа политика на ширење на американската моќ во Источна Европа, до границите на Русија.

Што мисли брилијантниот државник Џорџ Кенан за овој потег на американската надворешна политика? Со бистар ум на 94, Кенан, во 1998, му дава интервју на Том Фридман од „Њујорк Тајмс“ во кој кажува пророчки мисли.„Мислам дека ова е почеток на нова студена војна.Мислам дека Русите постепено ќе реагираат непријателски и дека тоа ќе влијае врз нивните политики.Мислам дека ова е трагична грешка. Немаше баш никаква причина за ова.Никој не загрозуваше никого. Заради оваа експанзија татковците-основачи на Републиката ќе се превртуваат во нивните гробови. Ставивме потпис да штитиме цела група држави иако ги немаме ниту ресурсите ниту намерата да го сториме тоа на било каков сериозен начин. (Експанзијата на НАТО) е само прелесна одлука на Сенат кој нема вистински интерес за надворешни работи. Она што ме вознемирува е колку површна и слабо информирана беше дебатата во Сенатот. Особено ме вознемири именувањето на Русија како земја која умира од желба да ја нападне Западна Европа. Зарем луѓето не разбираат? Нашите разлики во времето на Студената војна беа со советскиот комунистички режим. А сега им го вртиме грбот на луѓето кои ја изведоа најголемата бескрвна револуција во историјата, за да се ослободат од советскиот режим. Руската демократија е исто толку напредната колку што е и онаа на државите за кои потпишавме дека ќе ги браниме од Русија. Сето ова покажува толку малку познавање на руска историја и на советска историја. Се разбираа дека ќе има лоша реакција од Русија, а потоа, (проширувачите на НАТО ), ќе речат ви кажавме какви се Русите – но сето ова е погрешно“.

Се се случи токму како што предвиде Џорџ Кенан во односите помеѓу Америка и Русија. А, сепак, на американската ера во меѓународната политика, ние малите држави на Источна Европа, ќе се сеќаваме со носталгија. Беа тоа добри времиња за нас. Мирот и просперитетот на Македонија,на Балканот, како впрочем и на земјите на ЕУ, беше гарантиран од, кон нас, бенигното чудовиште преку Атлантикот. Со исукана сабја во светот на Хобс, Америка победи во Студената војна, додека европските држави, под нејзиниот безбедносен чадор, Во, живеејќи во светот на Кант, ја унапредуваа својата благосостојба и демократија. Да, сите нис живеевме во мир, кој беше „хегемонски мир“, во свет во кој единствената голема сила беше Америка. Цената на тој мир за нас и останатите европски и балкански „вазали“, беше поддршка и за глобална доминација на САД. Тука е нашата грешка? Не би рекол. Како ехо на зборовите на Кенан, Џефри Сакс на своето предавање во европскиот парламент некни ќе изјави дека експанзијата на НАТО во деведесеттите е причината за руската инвазија на Украина во февруари 2022. Но, полскиот пратеник во европскиот парламент му реплицираше дека Полска, како и сите држави од Источна Европа, сакаше да се засолни под бебедносниот чадор на Америка, светскиот хегемон кој нудеше безбедносни гаранции . Да имавме македонски пратеник во европскиот парламент и тој ќе можеше да го каже истото.Од аспект на безбедносниот интерес на малите земји ова беше целосно исправна политика. Америка е таа која мораше да мисли поинаку, ќе речат Сакс, Мершајмер и останатите американски реалисти. Мораше да мисли стратешки, што ќе рече долгпрочно,како Џорџ Кенан, брилијантниот дипломат и стратег. Каков ќе беше Балканот без американската моќ, што ќе беше со Македонија и како и дали ќе се изградеше безбедносна структура за Европа заедно со Русија а не против неа? Се редат безброј прашања… Но, нема никогаш да дознаеме за нешто што не се случило.

 

 

 

Back to top button
Close