Кој куди и кој му пресуди на дел од Коридорот 8?
Молк во Бугарија, откако на завчерашната седница бугарската влада ги одобрила промените во Програмата „Транспортна поврзаност“ 2021-2027 година, со кои отпаднал проектот за модернизација на железничката линија од Софија – Перник – Радомир, кој треба да води кон граничниот премин со Македонија.

За бугарските институции и експертите во оваа област, одлуката не е изненадувачка. Додека бугарските власти ја вперуваа вината во Скопје за застој во изградбата на железничката пруга низ Македонија кон Бугарија (дел од „приоритетниот“ Коридор 8), токму во Софија се кроел план за промени во Програмата „Транспортна поврзаност” 2021-2027. Промените биле презентирани уште на 27- ми јануари годинава, на Шестото заседание на Комитетот за набљудување на оваа Програма, одржано во Софија, а во присуство на претставници од бугарските надлежни инстиутуции, но и на претставници од Европската комисија.
„Доцнат проектите и нема средства“
Заседанието е дел од обврската на земјите – членки на ЕУ е да направат среднорочен преглед на планираните и започнати проекти, и до 31-ви март 2025 година да и ги претстават на Европската комисија резултатите од оценката на тој преглед.
Во јавно објавениот документ на Комитетот за набљудување се вели дека била „идентификувањна неопходност од измена на Програмата Транспортна поврзаност 2021-2027 година“, при што меѓудругото, се откажани и двата проекта за реконструкција на железничката пруга Софија – Перник и Перник – Радомир, како што се наведува „поради доцнење на подготовката на проектите и недостиг на средства”.

„Пред се, определените дејности не може да бидат исполнети поради промена во економските услови – пандемијата, воениот конфликт меѓу Руската федерација и Украина, и континуираната прогресирачка инфлација на цените во градежната бранша“, се вели во Извештајот за предложените измените презентиран од Ивета Колева, началник на одделот Програмирање во Министерството за транспорт и градежништво.
Кој кого манипулира?
А само до пред две недели, токму глобалните промени беа повод Коридорот 8 да се истакне како клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО.
„Тоа е клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО, која ги поврзува Јадранското и Црното Море. Нејзината важност во сегашниот геополитички момент е огромна“, ја пренесе БНР изјавата на бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов, кој објаснил дека во моментов активно се работи на реализација на Коридорот 8.
На бизнис форум организиран од Бугарско-грчката трговско-индустриска комора во Софија на крајот од февруари, Караџов истакнал дека „со неговиот грчки колега работат на западниот, Коридор 8, додавајќи дека сепак, во однос на тоа не среќаваат доволно соработка од Република Северна Македонија”, пренесе БТА.
„Се надеваме дека со помош на Европската Комисија ќе ја надминеме и оваа последна пречка“, изјавил тој.
Да е апсурдот поголем, неколку дена пред оваа изјава на министерот, Комитетот за набљудување на Програмата за Транспортна поврзаност“ веќе ги испратил предложените измени до бугарската влада, за таа да одлучува по нив.
Во нив е наведено дека Програмата (меѓудругото) се менува и за да може да се реализираат други проекти: покрај двата железнички проекти (Елин Пелин – Костенец, и Волујак – Драгоман) да се вклучи во реализација и третиот проект Пловдив – Бургас, кој бил договорен во подоцнежна фаза.
„Поради тоа што тие три проекта целосно ќе ги исцрпат ресусите, кои според Приритет 1 се во вредност од 700 милионие евра, се наложува да отпаднат проектите за Софија – Перник и Перник – Радомир во висина од 500 милиони евра“, се вели во предложените измени.

Освен во бугарскиот портал „Медиапул“, веста за пренамена на средствата и на приоритетите до вчера не беше објавена во други бугарски медиуми, освен како штура вест дека владата ги одобрила промените во Програмата, но без да наведат кои проекти ќе бидат засегнати.
Кој што сработи досега?
За потсетување, првата координативна средба меѓу надлежните од Скопје и Софија за изградбата на прекуграничниот тунел, се одржа на 31-ви октомври 2024 година во Софија. На оваа средба, размениле информации, утврдиле временска рамка и споделиле искуства околу технички прашања и теми поврзани со изградбата на Коридорот 8, посебно во делот на процедурите за реализација и идното управување со трансграничниот тунел кај Деве Баир. На 30-ти декември 2024 година, бугарската влада одобри и и испрати на Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел на Коридорот.
Железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево има вкупна должина од 139 километри. Бугарија имаше обврска да изгради 2,5 километри пруга од Ѓуешево до границата и дел од тунелот на граничниот премин, како и да ја заврши и реконструкцијата на пругата од Ѓуешево до Софија.
За разлика од Бугарија, каде активностите на тој план не мрднаа од мртва точка, во Македонија во јануари годинава беше пуштена во употреба првата делница на пругата – од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, на која се изградени три нови железнички станици, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови и инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема,
„Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа“, изјави тогаш премиерот Мицкоски.
Тој изрази увереност дека наскоро ќе се заврши и втората, а потоа и третата секција од пругата, со што земјава целосно ќе се поврзе со Бугарија.
Втората делница од Бељаковце до Крива Паланка е во должина од 34 километри и на неа се работи, а третата од Крива Паланка до границата со Бугарија важи за „најтешка и најскапа делница“, бидејќи во должина од 23 километри се проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар треба да има по еден тунел и два моста, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.(dw)