Протести во Србија: Дали се спрема Денот Д?

Растат тензиите пред саботниот протест на 15 март. Додека колони студенти пеш од целата земја течат кон Белград, приврзаниците на владејачката партија пристигнуваат во Пионерскиот парк. Може ли да се избегнат судири?

Помеѓу зградата на Собранието и зградата на Претседателството со денови постои тензија. Во тој важен јазол во Белград, кој често беше сцена на турбулентни политички настани, студентите планираа да го одржат, како што се верува, најголемиот собир од почетокот на протестите на 1 ноември, кога натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад падна и усмрти 15 луѓе.

Но, пред тие студенти, позицијата ја зазеде група која себеси се нарекува „Студенти 2.0“ или „студенти кои сакаат да учат“. Тие организираа протестен камп во паркот пред зградата на Претседателството со барање наставата на факултетите да почне најдоцна до 17 март, бидејќи сакаат да полагаат и да следат настава.

За разлика од студентите во блокадата, кои одлките ги носат со директна демократија и немаат лидери, „Студенти 2.0“ ги предводи Милош Павловиќ, кој на јавноста ѝ стана познат по говорот што го одржа на контрамитинг на владејачката Српска напредна партија. Оттогаш, тој често се појавува во провладините медиуми покрај претседателот Александар Вучиќ и други функционери на владејачката партија.

Професорката на Филозофскиот факултет во Нови Сад, Јелена Клеут, за ДВ оценува дека, според сите оценки, станува збор за „оркестрирана поставка која треба да биде пандан на студентите во блокадата“, а која најверојатно излегла од „кујната на владејачкиот режим”.

„Кога политизираниот систем не успева да ги зароби институциите, тогаш растат паралелни структури. Веќе имаме некаква паралелна медиумска сцена, паралелни невладини здруженија и тогаш во тој контекст се роди ова паралелно општество на студенти“, вели Клеут.

Контрастуденти, статисти и воени злосторници

Кампот на „студентите кои сакаат да учат“ деновиве го посетија бројни функционери на Српската напредна странка, а им се приклучија и припадници на распуштената Единица за специјални операции (ЕСО), чии команданти беа осудени за воени злосторства и политички ликвидации.

Веќе од првиот ден од кампот, граѓаните на социјалните мрежи објавија дека меѓу студентите препознале членови на Српската напредна партија од нивните месни заедници, за кои тврдат дека не се студенти, туку вработени во јавни претпријатија. Како што дознава Радио Слободна Европа, во кампот пристигнале и Срби од Косово, на кои наводно за ова им давале дневници.

Тие наводи ги потврди и новинарот на телевизијата Н1, Младен Саватовиќ, кој контактирал со жената за која се претпоставува дека регрутирала платени статисти за „студентскиот камп“. Тој се претставил како 28-годишен маж кој е заинтересиран за ангажман. Една жена по име Милена му рекла дека во зависност од тоа во која група ќе спаѓа – дали меѓу оние кои се преправаат дека се студенти или постари луѓе што ги поддржуваат – може да заработи од 50 евра нагоре.

„Тоа е како кастинг. Таа рече дека ќе мора да види како изгледам за да знае каде да ме смести. Таа ми рече дека тоа се сериозни пари, дека се работи за сериозна организација“, вели Саватовиќ.

Трактори пред Собранието на Србија, Белград, 14.03.2025 годинаТрактори пред Собранието на Србија, Белград, 14.03.2025 година

Кога се сретнал со Милена и ѝ кажал дека е новинар на тајна задача, таа не сакала повеќе да зборува и почнала да бега.

„Она што не успеав да го дознаам, дефинитивно треба да го откријат надлежните. Мене и Милена да нѐ поканат на разговор и да добиеме епилог кој е на чело на хиерархијата, кој го организирал сето тоа и која е вистинската цел на сето тоа. Но, поучени од некое претходно искуство, мислам дека надлежните институции нема да реагираат по ова прашање“, вели Саватовиќ.

Петнаесетти март (не) е пресвртница

Во паралелна реалност, студенти од цела Србија се движат кон Белград за да се приклучат на големиот саботен протест. Според некои прогнози, на средбата се очекуваат стотици илјади луѓе.

Белград доаѓа како последна станица на протестниот караван кој помина низ трите најголеми градови во Србија, по стотици километри кои студентите ги пропешачија разговарајќи со жителите на малите градови низ Србија и пренесувајќи ги нивните пораки и барања.

Само во последните седум дена, како што соопшти организацијата ЦРТА, низ Србија се одржале 410 протести, а на повеќе од 400 места граѓаните демонстрирале некаков вид на револт. Затоа многумина сметаат дека протестот во Белград е „Денот Д“, пресврт по кој ништо нема да биде исто.

Професорката Клеут не верува во тоа сценарио. „Можно е да го срушиме рекордот по број на луѓе собрани во Белград, а тој број ќе ја покаже силата на поддршката што ја имаат студентите. До тој степен може да биде ден што ќе го напишеме со голема буква на почетокот. Но, во смисла на некаков ‘ден Д’ што ќе ја преломи ситуацијата, што ќе доведе до некои понатамошни чекори – мислам дека тоа нема да се случи“.

Може ли да се запре насилството?

Државниот врв, се чини, работи на спречување на масовноста. Рано утрото во петокот имаше информации дека сообраќајот на возовите ќе биде во прекин на 14 и 15 март поради наводни дојави за бомби на меѓуградските линии.

Претседателот Вучиќ изминативе денови во неколку наврати изјави дека очекува големо насилство и посочи дека за тоа ќе одговараат сите кои учествуваат во тоа.

„Не сметаме на добрата волја на толпата. Имаме држава и ќе ви покажеме држава. Нашите единици ќе го издржат нападот, но тогаш државата ќе се однесува како што треба, ќе возврати и ќе ги уапси сите бунтовници“, рече Вучиќ.

Студентите одговараат дека никогаш не повикале на насилство и го повикуваат МВР „пред 15 март да ја пресели групата на луѓе кои се претставуваат како студенти од Пионерски парк за да се избегнат конфликти.

„Студентите никогаш не тепале граѓани ниту им ги кршеле вилиците. Студентите никогаш не прегазиле граѓани со автомобили, ниту пак оправдувале некакво насилство. Студентите бараат владеење на правото, како и работа на институциите“, наведуваат во своето соопштение студентите на Универзитетот во Нови Сад.

Професорката Клеут смета дека насилството нема да се случи доколку сите ги следат упатствата на студентите. „Она што ќе биде интересно да се види е дали бројот на учесници на овој собир ќе ја принуди владата да направи уште некои отстапки, како што е оставката на Загорка Доловац или некои слични потези кои би покажале дека владата реагира на силата на студентите и граѓаните кои ги поддржуваат“, вели Клеут.

Стратегија за денот потоа

Доколку тоа не се случи, вели Клеут, топката повторно ќе биде на теренот на студентите и нивните пленуми, а сега тие ги повикуваат граѓаните да организираат граѓански пленуми. Таа идеја, сепак, не наиде на разбирање.

„Еден дел од студентите разговараат и за можностите за некаква влада на доверба на народот, повикувајќи ја власта да ја напушти позицијата на која е моментално, за да се формира рамка во која обвинителството и полицијата соодветно ќе одговорат на барањата на студентите во однос на Железничката станица, но и да се формира рамка за спроведување фер и чесни избори“, вели Клеут.

Идејата за преодна, експертска или „влада на доверба“ фигурира во различни дискусии со месеци. Некои опозициски партии и неформални групи веќе излегоа со тој предлог. Но, студентските пленуми за кои се верува дека се единствените со поддршка од граѓаните, за стратегијата за денот по 15 март засега разговараат само зад затворени врати.

 

Сања Кљајиќ

Сања Кљајиќ Сања Кљајиќ, дописничка на DW Српски од Нови Сад, Србија

 

Back to top button
Close