Пленковиќ: Би сакале Милановиќ да ни се придружи во нашата политика во однос на Украина
Хрватската влада води конзистентна и принципиелна политика и би сакала да и се придружи претседателот на земјата Зоран Милановиќ, изјави премиерот Андреј Пленковиќ денеска во Париз.
„Хрватската влада води конзистентна и принципиелна политика, заснована на меѓународното право, на нашето искуство, на помагање на жртвата и ќе продолжиме да го правиме тоа. Би сакале претседателот на Републиката и опозицијата, која во два наврати не беше подготвена да крене рака за нашето скромно учество во европската мисија за воена помош за Украина, да ни се придружат во она што силно веруваме дека е сосема коректна политика“, рече Пленковиќ
–
Запрашан да ја коментира изјавата на Милановиќ дека не се консултирал со него пред да оди на самитот за мир во Украина во Париз, Пленковиќ рече дека Милановиќ не се консултирал ниту со него кога ги давал своите изјави во Подгорица.
„Средбата на која бев поканет се одржа во поширок формат, а она што го кажуваме и овде и на друг начин и ќе продолжиме да го кажуваме е дека не сме се заложиле за испраќање хрватски војници. Тоа се теми кои заслужуваат сериозна дискусија и аргументација. Исто така, тој не прашува кога дава изјави како оние во Црна Гора, па тоа е реципроцитет“, рече Пленковиќ.