Шесто барање на студентите во блокада во Србија: Истрага и одговорност за неовластен влез на Интензивна нега во УКЦС
Српските студенти во блокадата побараа денеска одговорност и заштита на пациентите, порачувајќи дека здравјето и достоинството мора да бидат пред политиката.Тоа е нивно шесто барање – покренување на постапката и разрешување на надлежните во Универзитетскиот клинички центар на Србија и во Ургентниот центар.
Такво барање упатија на 28 март студентите во блокада од Медицинскиот факултет во Србија.
Според студентите, директорите на тие здравствени установи им дозволиле на луѓе да влезат на одделението за Интензивна нега и да ги снимаат пациентите, со што грубо се нарушува нивното здравје и правото на приватност.
Студентите сакаат да се открие кој им дозволил на Александар Вучиќ, претседателот на Србија, и новинари да влезат на одделението за интензивна нега на УКЦС, каде што беа сместени повредени од пожарот во Кочани.
Студентите на својот Инстаграм побараа итно покренување на постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот на УКЦС, директорот на Ургентниот центар и раководителот на интензивна нега заради „дозволување неовластено влегување на физички лица и новинари во одделението за интензивна нега на УКЦС, без заштитна опрема и со евидентирање на пациентите, со што сериозно се става крај на нивната приватност и право на нивното здравје“.
На 4 април, студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираа универзитетите во Србија го усвоија петтото барање со кое бараат детална истрага за инцидентот на протестот на 15 март во Белград.