Колинда како бивша претседателка користела канцеларија која не постоела, ама трошела

Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ од денеска ја нема канцеларијата која ја користела како бивша шефица на државата, откако истекол законскиот рок од пет години во кои поранешните претседатели можат да го користат тоа право, пишува „24 сата“.

Барањето за затворање на канцеларијата, според Грабар Китаровиќ, го поднела самата таа на 18 февруари. Но, интересен е другиот дел од одговорот на поранешната претседателка на прашањето на порталот – таа тврди дека таква канцеларија физички не постоела, а дека затворањето било формалност.

– Тоа е само формалност, ја затворивме „канцеларијата“ која никогаш физички не постоеше, во февруари годинава – вели Грабар Китаровиќ.

Но, иако таа „не постоела“, канцеларијата трошела пари како да постои, пишува „24 сата“. Од државниот буџет, во планот за набавка за годинава биле планирани 8.000 евра. Од тоа, 800 евра требало да одат за хартија за фотокопирање, односно канцелариски материјали, а 80 евра за телекомуникациски услуги. Планот бил да се потрошат 400 евра за „публицитет и информирање“, а исто толку биле планирани и за интелектуални и лични услуги. Најголем дел од парите, нешто повеќе од 2.800 евра, било планирано да се потрошат за компјутерски услуги, додека 400 евра биле планирани и за печатарски услуги. Кабинетот на поранешниот претседател во 2024 година потрошил 13 илјади евра, а во 2023 година само илјада евра, пишува хрватскиот портал.

Во 2020 година на Колинда Грабар Китаровиќ ѝ беа доделени канцелариски простории во резиденцијата Висока 22 во загрепскиот Горни Град, но таа не можеше да ги користи бидејќи беа оштетени во земјотрес. Просторот ѝ го доделило Министерството за имот, но Колинда, по завршувањето на претседателската должност, всушност најмногу работеше од дома, делумно поради пандемијата на КОВИД, делумно поради несоодветните услови во Висока по земјотресот. Поранешните хрватски претседатели имаат и право на двајца државни службеници пет години, како и личен возач и службено лично возило во истиот период. Тие имаат и трајно право на физичка заштита платена од државата.

Back to top button
Close