Трамп: Договорот со Иран е едноставен – не сакаме да има нуклеарно оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бара „целосно расклопување“ на иранската нуклеарна програма, но додава дека е отворен за дискусија за цивилната енергетска програма на земјата.
-Мислам дека би бил отворен да го слушнам тоа, знаете. Тие ја нарекуваат цивилна енергија. Но, знаете, цивилната енергија често води до војни. И ние не сакаме тие да имаат нуклеарно оружје. Тоа е многу едноставен договор, изјави Трамп за Ен-Би-СИ Њуз.
Трамп минатата недела изјави дека нуклеарните преговори меѓу САД и Иран, што се во тек со посредство на Оман, одат „многу добро“.
-Мислам дека ќе се постигне договор… Ќе имаме нешто без да мора да започнеме со бомбардирање, заклучи Трамп.
Од друга страна, иранското Министерство за надворешни работи денеска објави дека земјата останува посветена на дипломатските преговори со САД, откако четвртата рунда преговори со Вашингтон за нуклеарната програма на Иран беше одложена минатиот викенд.
-Ја објавивме нашата посветеност да продолжиме по патот на дијалогот и дипломатијата и ја покажавме нашата целосна подготвеност со учество во неколку рунди преговори, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, пренесе Ал Арабија.
Портпаролот на иранското МНР додаде дека во врска со продолжувањето на преговорите со САД, Иран чека детали од медијаторот, Оман.
Официјален Оман претходно соопшти дека четвртата рунда преговори за иранската нуклеарна програма, планирана за 3 мај, е одложена од логистички причини.