„Репортери без граници“ спасија руска новинарка, пребега во Париз
Руската новинарка и филмска критичарка Екатерина Барабаш, која се соочуваше со казна затвор до 10 години во Русија поради осуда на војната во Украина, е евакуирана од нејзината земја во Франција од страна на „Репортери без граници“ (РСФ) , објави невладината организација на прес-конференција одржана во нејзино присуство.
-Ви благодарам на сите за вашата поддршка – рече новинарката од седиштето на РСФ во Париз, додавајќи дека била принудена да ја остави својата 96-годишна мајка за да избега од Русија.
-Огромно олеснување и огромна радост е што е безбедна и здрава меѓу нас во Париз – рече генералниот директор на „Репортери без граници“, Тибо Брутен.
Казнено-поправниот систем на Руската Федерација на 21 април објави дека 64-годишната Барабаш е додадена на списокот на барани лица.
Таа исчезна на 13 април од својот дом, каде што беше ставена во домашен притвор како дел од истрагата против неа за ширење „лажни информации“ за руската армија. Соодветната наредба ја издаде московскиот суд по апсењето на Барабаш кон крајот на февруари.
Барабаш, која е родена во СССР во Харков (во денешна Украина), остро ја критикуваше руската инвазија на нејзината соседна земја во февруари 2022 година.
-Значи, вие копилиња, ја бомбардиравте (Украина), срамнивте со земја цели градови, убивте стотина деца, стрелавте во мирни луѓе, го држевте Мариупол под опсада, лишивте милиони луѓе од нормален живот, принудувајќи ги да бегаат во странство – напиша таа во својата статија, која беше цитирана од независниот медиум Медуза.
Новинарката ризикуваше да биде осудена на затворска казна до десет години.