Д-р Пешевска имала стомачен вирус и температура, тоа е причината да не дојде на првото рочиште за „Онкологија”

Судењето за предметот „Онкологија“, во кој обвинети неколку онколози, меѓу кои и д-р Мери Пешевска, денеска започна без нејзино присуство. Таа не дошла на првото закажано рочиште бидејќи имала стомачен вирус проследен со температура и повраќање.

Нејзиниот адвокат, Јовица Страшевски пред судот изрази сомнеж за основаноста на обвинението против Пешевска, велејќи дека нема конкретен доказ за нејзина професионална грешка или несовесно лекување.

– Нема ниту еден доказ кој покажува дека д-р Мери направила пропуст. Единственото нешто што е користено е логот и печатот, кои поранешниот директор Нино Васев ги употребувал и од други лекари. Нејасно е зошто обвинети се само тројца лекари кога сите биле предмет на истата постапка од страна на директорот. Се работи за селективен пристап, изјави Страшевски.

 

Тој посочи и на спорното вештачење изработено од експерт од Словенија, кој, според него, нема лиценца за вештачење во земјава.

– Тврдењето на обвинителството дека не е потребна лиценца за вештак е крајно неодговорно и спротивно на нашите закони. Освен тоа, вештакот нема комплетни податоци за пациентите, а вештачењето содржи повеќе пропусти. Денеска ни беа доставени и други вештачења, кои досега не сме ги виделе, додаде тој.

Во одбрана на Пешевска, Страшевски рече дека таа уште за време на истрагата приложила обемна документација.

– Во текот на целата постапка, и како осомничена и како обвинета, доставивме стотици страници со протоколи, извештаи и вештачења поврзани со пациентите и со терапиите што им се давале. Од тоа е јасно колку биле прецизно одредени дозите и лековите, нагласи адвокатот.

Обвинителството засега останува на својата позиција дека вештачењата се валидни и дека приговорите на одбраната се неосновани

Back to top button
Close