Мега Бугарија
Бугарија е евидентирана како држава од дамнешни времиња. Во својата историја честопати била под ропство губејќи ја својата независност. Денес е модерна држава со независен статус. Сепак, историјата и минатото се сѐ уште активни во бугарскиот политички врв, каде може да се забележи упорно настојување за правење притисок врз одредени територии каде што некогаш владееле. Имаат агресивна желба да ги вратат под своја контрола. Границите на сите балкански држави се непроменливи. Очигледно, ваквиот статус на постоечки граници е неприфатлив за денешниот политички врв на Бугарија. Идејата за голема Бугарија и денес е присутна во официјалната политика на Бугарија.
Моја лична перцепција е дека Бугарија има територијални аспирации кон сите свои соседи. Претензиите за нејзините територијални апетити кон Турција, Грција и Романија се ограничени, бидејќи се работи за силни држави, патем членки на ЕУ и НАТО, Молкот кон Турција е разбирлив, затоа што Турција е силна економско-воена сила и секаков предизвик може да биде кобен по самата Бугарија. Македонија и Србија не се членки на ЕУ, но за разлика од Србија, Македонија е членка на војниот сојуз НАТО.
Македонија, како кревка држава кои цели 35 години стои пред портите на ЕУ, се доживува како вештачка држава од страна на нашите соседи Бугарија и Грција.
Мојата лична перцепција се должи пред сѐ на перфидноста со која ЕУ заедницата нѐ држи пред нивните порти цели 35 години, без да покаже вистински интерес за нашето македонско членство во оваа заедница. Перфидноста на ЕУ заедницата кон Македонија ја гледам и преку Францускиот предлог за признавање на Бугарите во уставот на нашата земја. На овој начин ЕУ заедницата директно влегува во билатералните односи помеѓу Македонија и Бугарија, подржувајќи ја, или поточно бранејќи го барањето на Бугарија во уставот на Република Македонија да влезат евидентирани 3500 Бугари.
Во Францускиот предлог воопшто не се споменуваат Македонците кои што се денес жители на соседна Бугарија кои немаат право да се изјаснат како Македонци.
Зошто Францускиот предлог не ја обврза соседна Бугарија да го промени уставот во кој би влегле, покрај Бугарите и останатите етнички заедници како што се Македонци, Турци, Грци, Срби, Романци и други. Хипокризијата на ЕУ се гледа токму во овој чин на фаќање една страна во билатералниот однос помеѓу две независни држави.
Ваквиот однос на ЕУ заедницата само ги отвора мегаломанските апетити на соседна Бугарија, за нејзино територијално проширување вон нејзините граници, кон земји како што се Македонија и Србија, држави без европски статус и во фаза на преговори.
Отворено прашувам, зошто Бугарија не нуди пасоши на таканаречените Бугари во северна Добруѓа, денеска дел од Романија, денешна Тракија во Грција и европскиот дел на Турција, туку пасошите ги нуди во Македонија и јужниот дел на Србија? Замислете за добивање на бугарски пасош мора да се изјасните дека имате бугарско потекло! Перфидноста на ваквата бугарска политика, која се практикува полни 30 години, сѐ повеќе зајакнува по нејзиното влегување во Европската заедница. Бугарија сѐ уште го негува историскиот мотив за голема Бугарија. Тенденциозно го кочи отпочнувањето на преговори на Македонија за влез во ЕУ, директно казнувајќи нѐ нас Македонците, коишто сакаме да си останеме Македонци.
Деновиве се појави во етерот филмувана серија за така наречената српска шарена револуција која сѐ уште е активна во Србија. Оваа ,,револуција” ѝ нанесува на соседна Србија нестабилност, економски пад во стопанството и намалување на странските инвестиции во земјата.
Во првата епизода од овој серијал се спомнаа учесници на странските служби кои директно учествувале во поддржувањето на овој немир. Овие информации се добиени од сигурни светски извори. Замислете, на челно место се агентите од соседна Бугарија. Секој човек ќе се праша, што бараат агенти од мала држава кај своите соседи! Според моето сознание доаѓам до заклучок, дека Бугарија има територијални претензии и кон јужниот дел на Србија, во регионот на градовите Пирот, Бор и Ниш. Не можам да им ја разберам воздржаноста, без апетити кон некогашните нивни територии во денешна Романија, Турција и Грција? Стрвни се само за Македонија и Србија.
Ваквиот однос на соседна Бугарија неминовно ќе го дестабилизира Балканот.
Вината не ја гледам во бугарскиот политички врв. Тие не можат да се ослободат од желбата за создавање на голема Бугарија. Вината ја гледам во ЕУ заедницата која молчеливо ги потхранува Бугарите во нивните територијални апетити.
Разбудете се големи велесили во светот! Првенствено САД, ЕУ, Велика Британија, Русија и Кина. Зарем не ви се доволни воените жаришта во Украина и Палестина? Жариштата веќе можат да го урнат светот во невидена катастрофа. Не дозволувајте и на Балканот да се создадат нови воени конфликти кои уште повеќе ќе го поткопаат светскиот мир. Замолчете ја бугарската држава. Укажете ѝ дека е крајно време да ги заборави територијални апетити и соништа за Голема Бугарија.
Трифун Костовски