Повик за 35 медијатори кои ќе им помагаат на ученици Роми во основното образование

До 28 август трае рокот за пријавување на јавниот повик на Министерството за образование и наука за ангажирање 35 ромски образовни медијатори за поддршка на основното образование на Роми за учебната 2020/2021 година.

Право да аплицираат имаат лица од општини со поголем број ученици од ромската етничка заедница: Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир/Центар, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Струмица, Велес/Градско, Гази Баба, Кавадарци, Кисела Вода, Крива Паланка, Аеродором и Бутел.

Ромските образовни медијатори ќе примаат хонорар со месечен износ од 15.867 денари бруто за ангажман од четири месеци во текот на 2020 година и шест месеци во текот на 2021 година.

Според условите од повикот, медијаторите треба да се невработени, македонски државјани и да се припадници на ромската етничка заедница. Во повикот се содржани и критериумите за избор на медијатори, потребните документи за аплицирање на повикот и е наведено кои кандидати ќе имаат предност при селекцијата.

Од МОН посочуваат дека целта на медијаторството е да се унапреди образованието преку дополнителна поддршка за учениците Роми во основните училишта. Медијаторот ќе има улога да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности со кои ќе се намали напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.

Рокот за аплицирање е 28 август до кога кандидатите треба да ги достават документите до Министерството за образование и наука, на ул. Св.Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје.

 

Back to top button
Close