Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс вечерва го води подкастот на убиениот Чарли Кирк

Американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс, попладнево го води подкастот на Чарли Кирк во спомен на убиениот десничарски активист, јави ДПА.

Венс напиша на платформата X дека со тоа сака да му „оддаде почит“ на својот пријател. Потпретседателот Џ.Д. Венс и Чарли Кирк се познаваа долго не само како сојузници, туку и беа пријатели.

Шоуто на Чарли Кирк почна да се емитува во 12:30 часот по локално време, на онлајн платформата Рамбл (Rumble), која е популарна кај американските конзервативци, пренесува ДПА.

Венс денеска го зема микрофонот за својот паднат пријател и е водител на неговото „Шоу на Чарли Кирк“. Нему гости  во поткастот му беа Кален Дор , заменик директор за комуникации во Белата куќа, Тејлор Будович, заменик шеф на кабинет во Белата куќа, како и портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, а најавени се и секретарот за здравство Роберт Кенеди помладиот, новинарот Такер Карсон и други… Сите тие споделуваа епизоди од животот што имаа допирни точки со ангажманот и политичкото делување на убиениот Чарли Кирк

Влијателниот подкастер и поддржувач на Трамп, Кирк, (31), беше застрелан во средата за време на настан на универзитетски кампус во државата Јута, а подоцна почина во болница.

Кирк се сметаше за важен глас на американската десница, потсетува германската агенција. Преку настани, подкасти и појавувања на социјалните медиуми, тој достигна милионска публика, особено кај младата машка популација. Во 2012 година, тој ја основа младинската организација Turning Point USA, која е активна во бројни средни училишта и колеџи.

По атентатот, сопругата на Кирк, Ерика, и неговите соработници, како што е десничарскиот публицист Стив Банон, го користеа досегот и платформите на Кирк за да продолжат да им се обраќаат на неговите поддржувачи. Меѓу другото, тие го опишаа Кирк како „најголемиот христијански маченик во Америка“.

Малку се знае за точните мотиви на осомничениот 22-годишен напаѓач. Меѓутоа, пренесува ДПА, веднаш по нападот, американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини „радикалната левица“, а неговите критичари го обвинија дека дополнително ја влошува веќе загреаната атмосфера во земјата, наместо да заземе помирувачки тон.

Back to top button
Close