На Америка денес баш и е гајле за Македонија
Денко Малески
Се разбира дека локалните избори се за политичари кои најдобро ќе се носат со политиките кои се однесуваат на секојдневниот живот на граѓаните.
Секаде во светот тоа се избори кои се однесуваат на ниската политика (економија, култура, социјални теми).Но, такви избори ќе имаме откога ќе се решат прашањата поврзани со високата политика. Имено, високата политика ги покрива домашните и меѓународните теми кои се витални за опстанокот на државата. Една од таквите теми, која стана дел од дебатата (ако може така да се нарече еден дискурс полн со обвинувања за „предавства“) на локалнит избори кои се во тек, е и нашето доцнење во процесите на интеграцијата на државата во ЕУ. Зашто, членството во сојузот на европските демократии е од витално значење за безбедноста и просперитретот на нашата држава. Како од безбедносен и економски така и од меѓуетнички аспек. Беше витално за Македонија во униполарниот свет кога ЕУ се сметаше и за американски проект, уште повитално е значењето денес, во мултиполарниот свет, кога американската официјална политика не гледа на ЕУ така, а претседателот Трамп отворено ги презира европските политичари. Не ни требаат вазали туку партнери, ќе рече потпретседателот на САД Венс, поттикнувајќи ги европските големи сили да ја превземат, заедно или секој посебно, одговорноста за својата безбедност и благосостојба.
Сега кога Европа го изгуби примарното значење за американската политика чија моќ се поместува кон Азија за да ја балансира моќта на Кина, ЕУ станува уште поважна цел за Република Северна Македонија. Ме прашува еден странски дипломат дали владата на Македонија сеуште ги положува своите надежи во Вашингтон за пробив кон ЕУ. Се чини, да, одговарам. Познавајќи ја изменетата геополитика во светот, секој разумен би заклоучил дека со таквата политика тропаме на погрешната врата. А, сепак односите меѓу двете влади се мазни зашто Америка ништо веќе не бара (ама и ништо не дава) од партијата на македонските националисти, додека ЕУ поставува услови: Бугарите во уставот. Во овој нов геополитички контекст да се очекува Америка „да пресече“ е многу наивно и зборува за непознавање на новите состојби во внатешната и надворешната политика на таа голема сила. Токму Трамп е тој кој инсистира европските проблеми да ги решаваат самите европејци, а прашањето за Македонија евентуално би се нашло на неговата маса само ако ни се случи некоја голема трагедија.И тука не помагаат никакви познанства на македонската влада со негови блиски соработници.
Она со што може да биде задоволна нашата влада е одсуството на притисокот кој постоеше кон претходните македонски влади, кога Америка го сметаше европскиот проект за свој, и инсистираше кај македонските влади да се движат во насоката на Брисел. Би било лошо ако отсуството на тој притисок владата на ВМРО-ДПМНЕ го смета за поддршка на нејзината политика. Кога се работи за администрацијата на Трамп, која има преполни раце домашни и меѓународни проблеми, на Америка баш и е гајле за Македонија. За нашето стратешко партнерство, на кое толку често се повикува власта, би можел да го кажам она што еден Британец го рекол за специјалните односи меѓу Велика Британија и Америка: односите( меѓу САД и Северна Македонија) се толку специјални што само едната страна знае за нивното постоење.