Неоколонијален план со кој запре геноцидот врз Палестинците
Денко Малески
Крај на геноцидот во Газа. Во текот на изминативе две години убиени се 67.000 Палестини, по 50 за секој убиен Израелец на 7 октомври пред две години. Следува размена на заложници од двете страни: 20 Израелци и 250 Палестинци осудени на доживотен затвор плус 1700 затвореници. Почнува испораката на хуманитарна помош за населението, по 600 камиони дневно.Околу 200 војници од Египет,Катар, Турција и Обединетите Арапски Емирати, под надзор на американски претставници,ќе бидат монитори на прекинот на огнот.Израелските воени сили ќе се повлекуваат во три фази, напуштајќи 70 проценти од територијата на Газа.Следат тешки преговори. Во таа смисла, ова е повеќе прекин на огнот одошто мировен план со согласност на двете завојувани страни.Ќе се формира преоден комитет од Палестински технократи чија работа ќе биде надгледувана од „Одбор за мир“ на чело со американскиот претседател Доналд Трамп, во кој ќе членува и поранешниот британски премиер Тони Блер. Со тек на време власта ќе и биде предадена на палестинската управа од Западниот брег.Хамас, кој управуваше со Газа од 2007, нема да игра никаква улога во управувањето, пишува во планот. На членовите на Хамас им е гарантирана амнестија или можат да заминат надвор од земјата.Палестинците нема да бидат принудени да ја напуштат Газа а оние кои ќе одлучат така ќе може слободно да се вратат. Потоа следува „Трамповиот економски развоен план да ја обнови и оспособи Газа“ кој ќе го спроведе панел од експерти. Ова го јавуваат новинските агенции.
Значи, добивме прекин на огнот и со тоа крај на масакрот на Палестинците од страна на израелската армиjа, но не и конечен мировен договор. Ја споделуваме, се разбира, радоста на Палестинците од Газа и на роднините на заложниците, но далеку сме од договор. Лесно е да му се најдат маани на сегашниот план кој, всушност, е американко-израелски диктат врз другата страна. Уште полесно е во него да се види едно неоколонијално поведение пренесено од минатото во ерата на човековите права и правото на самоопределување. Трамп и Тони Блер ќе управуваат со Палестина? Како во старите добри времиња? Зетот на Трамп, Џерад Кушнер, ќе гради ривиера и ќе го зголемува личното богатство? Тоа е решението? Вистинското решение, се разбира, е во создавањето на палестинска држава во границите изгласани во ОН во 1967 година, зад кое стои 90 проценти од човештвото застапено во ОН денес, ама не стои и Северна Македонија. Толку за нашата гордост и состојбата на нашата кичма. Што се однесува до геноцидот врз Палестинците, историјата ќе ги осуди сите оние политичари, вклучувајќи ги и македонските, кои гледале немо врз масовното убиство кое се случуваше секојдневно пред нашите очи цели две години.
Разочарувањето кај оние кои очекуваа решението со две држави да биде запишано во мировниот договор на Трамп е разбирливо. Но има надеж. Точка 19, вистина не вели дека планот е посветен на создавање палестинска држава, но зборува за палестинските стремежи кон своја држава и за можност да се дојде до неа. Оваа светла точка се затемнува во точка 20 која вели дека нема договорен „политички хоризонт“и дека допрва следува дијалог да се утврди целта, финалното политичко решение. Поинаку кажано, целта на документот не е палестинска држава, решението кое води до мир. Сепак, треба да се има предвид дека текстот е напишан од Израел и Америка, не е испреговаран туку е наметнат на другата страна, па е нормално што не стои никаде воспоставување палестинска држава. Мислењата на истражувачите на состојбите на Блискиот Исток се поделени. Илузија е дека Трамп ќе оствари некакво решение за „two state solution“, велат едни. Други се колебаат. Велат, Трамп јавно се вложува себеси во мирот, така што Израелците ќе размислат два пати пред да помислат да ја обноват војната оти, фигуративно кажано, ќе треба да поминат со тенковите преку американскиот претседател. Имено, тоја е некаква гаранција, барем во неговиот мандат кој завршува за три години. Овој потег без преседан на Блискиот Исток: американски претседател да стане принуден управник над Палестинците е уште еден доказ дека Доналд Трамп е навистина непредвидлив и „откачен“ човек. И додека едни велат дека овој неоколонијален план е мртвороденче, други мислат дека патот кон Палестинска држава е конечно отворен. Имено, овие вториве сметаат дека планот е голема победа на Хамас чија основна цел е, со употреба на терор,како оној од 7 октомври пред две години, да го принуди светот да се соочи со потребата од создавање палестинска држава. Планот, сметаат тие го отвора процесот. Имено, она што е запишано во точка 19, дека тој „може да води до палестинска држава“, со текот на времето и низ преговорите кои следат да доживее трансформација во „ова ќе води кон создавање палестинска држава“. Шансите не се големи но барем постојат, а масовното убиство на Палестици е сопрено. Што се однесува до планот на Трамп, ако нешто научив од политиката тоа е дека таму најкраткиот пат помеѓу две точки не е правата линија. Најкраткиот пат, во овој случај, би бил целта запишана во планот да биде создавање палестинска држава. Но, работите се движат во таа насока.
Светското јавно мислење е безмалку едногласно дека Палестинска држава е решението . Дури и МЕГА движењето му ја откажува послушноста на Трамп кој, сметаат тие, во својата политика, го става Израел а не Америка на прво место. Но, ако знаеме дека израелската држава со своите 8 милиони жители не знае што да прави со 8 милиони Палестинци кои не сакаат да ја напуштат својата земја а соседните арапски земји не сакаат да ги примат, решението е јасно . Нема друг пат освен создавање на палестинска држава. Всушност има. Како што покажаа геноцидните чудовишта во израелската влада: сите Палестинци да бидат убиени. Мислам дека овие луѓе ќе се обидат, со сите средства да ги саботираат деловите од мировниот план кои имплицираат создавање палестинска држава. Спремни се , во блиска иднина, да предизвикаат и војна со Иран во која би била вовлечена Америка, со намера, во воениот хаос, да ја променат геополитиката на Блискиот Исток, за да најдат територија на која би ги протерале Палестинците.