Трамп: Нема да ја загрозам Америка поради Украина
Денко Малески
Појасно од ова, не може да биде кажано: американскиот претседател одбива да ја загрози безбедноста на својата земја заради Украина и нема да ризикува да ја вовлече во нуклеарна војна. Со правилни политички инстинкти за мир, но со слаба реализација досега, Трамп го кажа ова во интервјуто за „Фокс“ некни.
Не изгледа фер тоа да го каже претседателот на државата која го поттикна Зеленски да ја продолжи војната кога таа можеше да биде спречена. Но, соочен со опцијата да ја вовлече Америка во нуклеарен судир со Русија, Трамп ја препушта Украина на својата судбина. Некој напишал дека во свирепата сфера на меѓународните односи, политичарите се соочуваат со дилемата на една мајка која гледа како се дават две деца, едно од кои е нејзино, а може да спаси само едно дете.
Свесен за опасноста по Америка и за руската доминација на теренот, на состанокот во Белата куќа пред два дена, пишуваат извори на „Фајненшел Тајмс“, Трамп одново му се дерел на Зеленски да ја прифати реалноста дека Донбас е изгубен оти, во спротивно, му рекол: „Тој ќе те уништи“.
Зеленски и сегашната генерација европските политичари, пак, не прифаќаат ваков исход,со кршење на светото правило за непроменливост на граници, и бараат американска поддршка за војната да продолжи. А, сепак, наместо сојуз со Америка против Русија, тие добиваат натамошно дистанцирање на Трамп од Европа. Успеваат само повремено да добијат ограничени пратки оружје проследени со зборовите на Трамп дека му продава оружје на НАТО!? Му продава на НАТО? Па нели НАТО беше, пред се, Америка? Не повеќе. Трамп на својата земја не гледа како на „блескавиот град на ридот“ и како на „светилник на демократијата“. Брат за брат, сирење за пари, вели народната. Користа од најголемите резерви на нафта во светот, го свртува вниманието на американскиот претседател кон Венецуела, држава со големина на Германија и Франција заедно. Тоа е пленот што сака да го освои зашто го чека нагорна битка со технолошкиот, економски и воен џин Кина. Несреќниот Марк Руте, во обид да не биде последниот генерален секретар на НАТО, вели дека организацијата која ја води е спремна да му се придружи во битката против Кина. Но, „трансакцискиот ум“ на Доналд Трамп му кажува дека Европа и НАТО се финансики товар од кој треба да се ослободи откога ќе ја затвори војната во Украина, за да отвори нова со Венецуела.
Имаше моменти кога војната во Украина можеше да биде избегната и да се најдат мирни и демократски решенија, но ароганцијата на американската моќ не го дозволи тоа. Тоа особено се однесува на претставниците на администрацијата на Џо Бајден од типот на Викторја Нуланд. Кога денешниот претседател Трамп вели дека нема да ја загрози Америка поради Украина тој сака да каже дека националниот интерес на САД не покажува во насока на нуклеарна војна со Русија. Рускиот национален интерес, пак, покажува дури и во таа (незамислива) насока. Како што би покажувал и американскиот безбедносен интерес кога Русија или Кина воено би се инсталирале на нејзините граници со Мексико, на пример.
Европа ќе се потресе од корен после загубената војна во Украина и повлекувањето на американската моќ од континентот, а територијалните промени може сериозно да не загрози нас на Балканот каде што многу граници „висат во воздух“. Напуштена од Америка, Европа ќе мора сериозно да се зафати со решавањето на својата безбедност. Но, начинот на кој оваа генерација политичари мисли да го стори тоа е погрешен. Погрешен е пристапот на Фон дер Лејен, на Макрон, на Стармер, на Мерц за милитаризација на своите држави со цел да се победи Русија. Ако се земе предвид фактот дека заедно со Америка под водство на Бајден, Европа не можеше успешно да и се спротистави на руската агресија, самата па ич. За среќа опасноста од Руска инвазија на Источна Европа, па и Централна и Западна, како алармираат некои, е чиста измислица. Русија едноставно ја нема таа моќ да освои и да држи под контрола таква територија, ниту пак некогаш пројавила таква намера. Она што Русија го бара е Европа да ги препознае нејзините „безбедносни грижи“и Западот да не го паркира својот НАТО„тенк“на прагот на нејзината куќа, во Украина. И Европа денес има свои „безбедносни грижи“. Тогаш, не е ли логично да се зборува со Москва? Америка го прави тоа. Време е за европска дипломатија а не за европска милитаризација. Но, тоа нема да го стори овој состав на европски политичари. Можеби некој друг состав, после избори, ќе го реши проблемот со дипломатски средства.
Што се однесува до македонските политичари, со крајот на „американската ера“ и на „златните години“ на ЕУ, заврши и привидот дека управување со држава е најлесната работа на светот. Како ли ќе се снајдат во новите меѓународни околности?