Како да се измерат победата и разочарувањата

„Синоќа сонував дека повторно отидов во Мандерли“.
Воведната реченица на најпознатиот роман на британската писателка Дафне ду Морие, „Ребека“, е една од најубавите воведни реченици во англиската фикција. Англиските книжевни критичари оценуваат дека Ду Морие со еден потег го воспоставува гласот, местото и атмосферата на сонот во приказната. Романот е издаден во 1938-та, а само две години подоцна Алфред Хичкок ја искористи истата воведна реченица за кинематографска адаптација на прославеното филмско ремек-дело со идентичен назив.
За огромен број луѓе во Македонија резултатите од неделните локални избори беа како сон во кој повторно отидоа во сопствената држава од пред десетина, дванаесет години. Во тој сон едните како да беа учесници на раскошната Трималхионова гозба во сатиричниот роман „Сатирикон“ на античкиот римски писател Петрониј. Другите се најдоа во сонот изгубени, разочарани, дезориентирани и вооружени со одредена јужњачка утеха.
Соништата и на едните и на другите изгледаат како реалност. Готскиот роман „Ребека“ со голема напнатост е психолошки трилер за млада жена која станува опседната со првата сопруга на својот богат сопруг. Ако сте го гледале „Ребека“ на Хичкок ќе го разберете тој напнат психолошки трилер во кој глумат Лоренс Оливие и Џоан Фонтејн.
Во една политичка паралела, македонските граѓани на овие и на претходните избори како да се опседнати од првото ВМРО на сегашнава богата партија која се претставува како негов наследник. А и на некои други претходни избори. И како победата мора да биде и невиден триумф, а политичкиот противник столчен и дезориентиран.
Неспорна победа и неспорен пораз
Победата на ВМРО-ДПМНЕ е неспорна, како што е неспорен поразот на СДСМ. Аритметиките за бројот на излезените гласачи, бројот на гласовите на советничките листи, бројот на градоначалничките места се згодни податоци за политичка употреба за надмоќта. Па ќе се кажат некои наводни факти, не само од победничките структури, туку и во дебатните емисии на телевизиите и потоа ќе се прават длабински анализи за тие наводни факти. Како, на пример, дека никогаш Скопје не добил градоначалник во првиот круг. И потоа ќе се вадат редица заклучоци зошто е тоа така. Проблемот е што само пред два изборни циклуси, Петре Шилегов во 2017 година ги доби изборите за Скопје во првиот круг со 52,47 отсто од гласовите. Лажна анализа врз лажни заклучоци.
Или пак дека одзивот на локалните избори секогаш бил многу мал. И тоа не е така – во 2005 година беше 56,36 отсто, во 2013-та одзивот беше фантастични 67 отсто, во 2017 – 59,51%, а во 2021-та – пристојни 50,57 отсто. Минатонеделниот одзив е загрижувачки, а не закономерност. Тој ја покажува апатијата на граѓанството. На овие избори излегле 46,63 проценти, или 854.000 гласачи. И меѓу нив имало фантастични 50.000 неважечки ливчиња. Ни одзивот на парламентарните избори во 2024 година не беше многу голем – 55,34 отсто, или гласале 995.000.

Уште неколку бројки, кои можат да бидат некакви примери за тоа како се менува наклонетоста на македонските бирачи. На локалните избори во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ имаше 57 градоначалници, а коалицијата на СДСМ само четири! Во 2017 ситуацијата беше целосно спротивна – СДСМ имаше 57 градоначалници плус градот Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ едвај пет. Може СДСМ по вториот круг да има пет-шест градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ педесет и нешто. Тоа нема драматично да ја промени сликата и перцепцијата.
Прашањето е како во насловот на овој текст – како може да се измери победата? Секако, тоа може да се направи со бројот на градоначалниците и со бројот на советниците. Без оглед што ВМРО-ДПМНЕ има загубено повеќе од 130 илјади гласови од ланските избори. Победата изгледа како вистинска политичка гозба. Вмровските структури сакаат целосна и неподелена власт, секаде, па и на локално ниво. Многу слично како што тоа го сака и го прави партијата на Александар Вучиќ во Србија. Апсолутната власт може и апсолутно да корумпира, велат политичките научници и тоа го покажуваат историските примери. Но апсолутната власт носи една важна придобивка која ја посакуваат сите политичари од незрелите демократии. Апсолутната власт не сака од никого да биде контролирана или испитувана.
Државниот празник претворен во партиски
Ако го земеме како образец обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на државниот празник 23 Октомври, тој навистина како да мисли дека му недостасува апсолутна власт и дека неколкуте „џебови на отпорот“ во одделни општини може да бидат толерирани, но подобро е да ги нема. Празникот, кој го инаугурира владата на Никола Груевски, со годинашново одбележување беше поистоветен со партиски празник. Не само поради публиката во Македонскиот народен театар, туку и по содржината на говорот на Мицкоски. Повторно истите приказни за Даме Груев, Христо Татарчев, Ѓорче Петров и нивни изјави. Па дека 23 Октомври не бил само датум, туку дека тоа е и завет. „И секогаш кога било најтешко, кога некој се обидувал да нè избрише, токму тој дух на ВМРО – духот на народот што не се предава, ја чувал Македонија жива“, рече Мицкоски.
За време на Втората светска војна партизаните и комунистите беа тие што ја чуваа Македонија жива, ја ослободија од окупаторите и ја создадоа државата.
Дека Мицкоски можеби отиде предалеку во мерењето на победата беше и тоа што важен дел од говорот, кој требаше да биде обраќање за толку пропагираното заедништво, го посвети на СДСМ. Како опозицијата доживеала „вистински дебакл“. И рече дека СДСМ дополнително го иритирал народот. „Сфаќам дека се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, но со нереални математики само дополнително го иритираат… Но нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор“.

Ако вака се мери победата, да се омаловажува опозицијата на национален државен празник навистина изгледа како сон за враќање во Мандерли. Оној од времето на Никола Груевски. Победата сигурно треба да се прослави, партиите се во политичката арена да победуваат и да спроведуваат своја програма кога гласачите ќе им ја дадат поддршката на изборите, но прашање е дали по ова Мицкоски повторно ќе може да повикува на заедништво за изградба на апатичното и дезоилузираното општество ако им се заканува на оние што создавале „вештачки теми и блефови“ дека треба да добијат „соодветен одговор“. И тоа на државниот празник кој беше партиска прослава. Во ова мерење на победата опозицијата не беше ставена само на поразениот тас, туку беше омаловажувана.
Лани на ова место, по големиот пораз на парламентарните избори, пишувавме дека СДСМ потроши неверојатно голем дел од кредитот кај граѓаните поради неефикасноста во повеќе сегменти во владеењето, поради убеденоста дека договорите со Грција и Бугарија, како и усвојувањето на преговарачката рамка, се револуционерни потези кои иднината ќе ги оправда. И дека сега ним им останува да ги лижат раните ако може да ги залечат. И тогаш цитиравме една изјава на Џо Страмер, лидерот на неверојатните рокери од „Клеш“, кој објаснувајќи ги тешките искушенија во светот на рокенролот велеше дека „најтешката работа е да се соочиш со себеси. Да се биде искрен со себе е многу потешко отколку да тепаш некого“.

Речиси и да нема ништо што може да се додаде на овие зборови. СДСМ уште малку го намали својот корпус гласови, иако не премногу драматично. Го подзапре брзото паѓање надолу, но тоа сѐ уште е паѓање. Математиките дека ВМРО-ДПМНЕ загубило 130 и нешто илјади гласови од минатите избори се навистина јужњачка утеха. Тие не го одразуваат главниот факт: дека ВМРО-ДПМНЕ со помалку гласови однесе поголема победа.
Ниту олеснување може да бидат фактите дека гласови загубија и Левица и ЗНАМ, со тоа што партијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски претрпе поголема ерозија. Според податоците, на листите за советници Левица освоила 58.000 гласови (10.000 помалку отколку на парламентарните избори), додека ЗНАМ се стркала надолу кон 39.000 (16.000 помалку).
Некои велат дека била стратешка грешка на Венко Филипче што пред почетокот на кампањата ја објави предлог-резолуцијата за црвените линии на Македонија за излегување од европскиот ќор-сокак. Но тој потег и не беше толку лош, затоа што преку него лидерот на СДСМ се обиде да подаде рака кон властите за некакво заедништво за иднината. По тешкиот напад на премиерот во говорот на 23 Октомври, прашање за Филипче е дали и натаму треба да подава маслинови гранчиња, кои Мицкоски ги фрла во купиштата ѓубре во Скопје.
Ако ја прочита изјавата на Мицкоски за тоа со кого се сретнал на самитот на Берлинскиот процес во Лондон, ќе се запознае со овие зборови за разговорите со францускиот министер за Европа, Бенжамин Хадад: „На средбата со господинот Бенжамин Хадад, којшто е исклучително близок на претседателот Макрон, ги кажавме нашите позиции, односно позициите коишто цело време ги повторуваме – дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции, како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед“.
Ни заеднички црвени линии ни ништо. Оваа влада владее и носи и не носи одлуки. Борис Џонсон ја изнесе Велика Британија од ЕУ и тешко дека земјата ќе се врати назад за една генерација и покрај тоа што трпи големи економски загуби и нелегалните имигранти се трипати побројни отколку кога беше во Унијата. За СДСМ да биде политички конкурентна, мора да се соочи со себеси и помалку да обрнува внимание на навредите и омаловажувањата на премиерот и неговата партија, затоа што тоа е игра која нема крај. Како и дали ќе го направат тоа е големо прашање.






