А што ако ЕУ престане да постои?

Денко Малески

Велат, внимавај што ќе посакаш оти може да ти се случи.

Од независноста до денес мнозина во македонската политика посакуваа да престане странското мешање во внатрешните работи на Македонија и, ете, после 35 години, со „крајот на американската ера“ тоа се случи.

Се присеќавам на почетоците. ЕЗ бара од нас да постапиме вака и вака, велам на седница на експертската влада некаде во 1991 година. Нека престанат да се мешаат во нашите внатрешни работи, ми довикува премиерот Кљусев, оти ќе им направиме една војна да не знаат каде им е главата. Баш ќе им биде гајле, довикнав назад. Не бев во право – им беше гајле. Повеќе на странците отколку нам, ми се чинеше тогаш и знам сега.

Сето ова се случуваше во времето на големата еуфорија на дефинитивната победа на либералната демократија под водство на Америка. Доволно беше да изразите приврзаност кон новата „религија“ и да работите во таа насока за да ви се отворат перспективите за членство во двата најпрестижни меѓународни клубови – ЕУ и НАТО.За големата цел, државите беа спремни да пренесат дел од својотссуверените на Брисел. Се разбира, потребно беше и да се исполнат условите за прием, со кои имавме проблем уште од самиот почеток. Имавме проблем затоа што го посакувавме невозможното – покрај нивните услови, тие на кои сакавме да им се приклучиме, да ги прифатат и нашите услови!Како мала земја, се повикувавме на правото и тоа не е погрешно. Конечно, и онака немаме моќ, основната „валута“ во меѓународната политика. Но, погрешно е ако поверувате во илузијата дека правото владее со меѓународните односи. И бидејќи никогаш не ја апсолвиравме таа тема, стагниравме. А, бевме предупредени од самиот почеток. Вашиот проблем со соседот не е правен туку политички, беше една од првите нешта што ми го кажаа од администрацијата на ОН кога, преку влезот за туристи, застанат во ред со Јапонци со камери на нивните гради, се „шверцува“ во зградата на Ист ривер. Вистина,при приемот во светската организација, никогаш никому не му било оспорувано името, но проблемот на односите помеѓу членката на ЕУ, Грција и апликантот Македонија, администрацијата на ОН, зад која стоева големите сили, не ги стави во правната туку во политичката рубрика. Во редот на потешките прашања кои не се решаваат со судска пресуда туку со дипломатија и преговори. Како и тогаш, така и денес,со Бугариија, не е проблемот во тоа што се повикуваме на правото соседната држава да не ни се меша во нашето уставно уредување, за тоа кого ќе ставиме во уставот, туку во вербата дека со правото а не со дипломатијата се решаваат вака комплексни прашања меѓу две држави. Резултатот од таквата политика на македонската влада и претседателка, одново, ќе биде стагнација.Зашто, не е работата во тоа, вие како политичар, да се качите на највисоката морална позиција и да донесете неуспех за вашата држава, туку да ги прифатите реалностите и да постигнете успех.

Со крајот на „американската ера“ и раѓањето на мултиполарниот свет настанаа огромни промени во светската политика. Но, набргу, после загубената војна во Украина, Европа, нашиот континент, ќе се потресе од корен. Можно е и да се распадне сојузот кој функционираше со одлучувачка поддршка на помирителот на нивните конфликтни интереси, Америка, која сега се врти кон Кина. Замислете само како би реагирале балтичките држави и Полска на мировна иницијатива преку директни разговори со Москва покрената од страна на Италија, Шпанија, Унгарија и Грција! Мислите дека, без Америка, лесно ќе дојдат до согласност? И што, тогаш, ќе стане со ЕУ? Се плашам дека, како сме тргнале, никогаш нема да стасаме до членство во ЕУ. Дека ќе остане само приказната за една мала балканска држава која, повикувајќи се на правото таму каде што најмалку го има, во меѓународната политика, не пропуштила прилика да пропушти прилика да стане членка на организација која, во меѓувреме, престанала да постои.

 

Back to top button
Close