Од едноумие до безумие
Кампањата во вториот круг на локалните избори (завршува на полноќ 31.10.2025), покажа една грда слика на меѓусебни обвинувања меѓу кандидатите за градоначалници во општините кои не успеаја да изберат градоначалник во првиот круг.

После длабокo размислување за местото и улогата на кампањите во сите изборни процеси, сметам дека меѓу спротивставените кандидати и партии треба да има сериозна дискусија и добро аргументирана за тоа што нудат.
Со внимание ги следам информациите добиени преку сите медиуми за кандидатите кои учествуваат во вториот круг на овие избори.
Кај секој кандидат, особено од големите политички партии, се нудат големи проекти кои чинат многу скапо. Не возможно е да се финансираат од буџетите на општините кои остваруваат ниски приходи во текот на календарската година. За мене таквите изјави се неодговорност и утопиjа.
Не можам да разберам зошто се нудат вакви ветувања ? Не го разбирам поривот да се ветуваат нешта кои се неостварливи. Кога говорам неостварливи, говорам за време на мандат од 4 години.
Кандидатите искажуваат непромислени ветувања. Нѐ убедуваат дека нивниот даден збор е над секоја вредност. Зошто вакви манипулативни потези прават денешниве кандидати?
Прагматичноста мора да се врати и во политиката и во нашето секојдневие. Може да се врати само со образовани, искусни и чесни кандидати кои ќе дојдат на тие функции.
Ние, граѓаните не сакаме лажни ветувања. Сведоци сме на капитални проекти, чија реализација ги надминува сите можни рокови на светско ниво за нивно завршување. Ќе споменам само два примери, а тоа се: Автопатот Кичево-Охрид, кој се гради полни 13 години, а далеку е од негово завршување, како и клучката на излезот Скопје кон Блаце која се гради полни 6 години.
Ваквите задоцнети капитални инвестиции ја чинат државата и градот Скопје десет пати поскапо.
Секој капитален проект мора да заврши во предвидениот термин, бидејќи секое пролонгирање на ваков проект и државата и Општината ќе ги чинат многу поскапо.
Имајќи го ова искуство зад себе, оваа реална слика која е денеска присутна меѓу нас граѓаните, не можам да верувам дека Градот Скопје ќе добие подземна сообраќајна инфраструктура под комплексот Лимакс! Убеден сум дека финансиски на градот ќе му требаат повеќе од 1,5 милијарда евра за реализација на овој проект.
Градот Скопје се дави во долгови, а верувам дека и останатите општини низ Македонија имаат сериозни финансиски обврски за плаќање.
При ваква очајна финансиска состојба нечесно е да се даваат сериозни ветувања дека со нивното доаѓање на функција градот ќе процвета од првиот миг. „Мижи Асан да ти бајам” – народна мудрост наследена од времето на Османлиската империја е најсоодветна за предизборните ѓурултии.
Деновиве на социјалните мрежи, ние постарите граѓани сѐ почесто се сеќаваме на животот од некогашната наша бивша држава СФРЈ.
Во СФРЈ владееше едноумието. Денес во нашата држава се практикува модерен плурализам кој наликува на безумие. Во бившата СФРЈ, автопатот “Братство и единство” од Јесенице до Гевгелија, долг 1.600км беше завршен за неполни 7 години. Денес плурализмот во Македонија сите капитални проекти ги прави многу поскапи и во подолго период за нивна реализација, бидејќи кај нас плурализмот се практикува на несоодветен начин.
На партиите и на власт и во опозиција, кои во изминативе 35 години цело време се менуваат, ниту еднаш не им се случило наследениот капитален проект од претходната Влада да биде сериозно прифатен како обврска за најскоро завршување.
Плурализмот во Македонија кој треба да донесе добросостојба за сите граѓани, без разлика на национална, верска и партиска припадност, се сваќа како борба меѓу водечките партии и се сведува на „мое и твое”.
Искуството покажува дека при секоја промена на централна власт во државата, капиталните проекти кои биле иницирани и отпочнати од претходната власт се ставаат настрана. Очигледно, лидерите на најсилните политички партии во Македонија од нејзиното осамостојување, па до денес, не ја сфатиле основната поента на либерализмот, која во основа треба да нуди најквалитетни и најбрзи решенија за целата држава и сите граѓани во неа.
Ќе го споменам мојот личен пример. За време на мојот мандат како Градоначалник на Град Скопје од 2005-2009 година, полни 3 години работев на проектот ,,трамвај како алтернативно решение на сообраќајот во Град Скопје”.
За првата делница од Лисиче до Центар и назад, финалниот проект беше готов кон крајот на 2008 година. Финалниот проект предвидуваше најмодерно депо за 48 композиции и утврдена траса со трамвајски станици на целиот потег од Лисиче до Центар и назад.
Овој проект градот го чинеше 1,5 милион евра во тие времиња.
Со доаѓањето на мојот наследник, господинот Коце Трајановски, овој проект исчезна. Денес градот Скопје е во тотален сообраќаен хаос.
Кој е виновен за ова!?
Прашање број еден, зошто исчезна овој проект? По мене, од проста причина, а таа е чиста суета и нефункционалност на плуралистичкиот систем во Македонија.
Заклучувам дека плурализмот имплементиран во нашето секојдневие ја уназади нашата држава. Цената ја плаќаме ние, граѓаните.
Свесно или несвесно разбираме дека во едноумието постоеше систем кој со сите свои маани беше функционален. Не е случајна емпатијата на многу наши сограѓани кои се навраќаат на убавите мигови од тоа време.
Лагите и лажните ветувања беа далеку од ушите на граѓаните.
Единствен вистински услов да го искорениме ова зло во Македонија е измена на Изборниот закон и ревизија на територијалната поделба на локалната власт. Без вакви фундаментални промени, нашата држава и ние граѓаните и натаму ќе талкаме во неизвесност.
 
					





