Може ли надежта да се продава?
Изборите во Њујорк, Ирска и Холандија покажаа дека надежта, правилно аргументирана и цврсто бранета, не е знак на слабост, туку извор на сила. Може ли прогресивците во Македонија да научат нешто од ова?
Како и цел свет, така и Македонија беше на свој начин зафатена од треската наречена Зохран Мамдани и начинот на кој младиот демократски социјалист роден во Уганда успеа да однесе неверојатен триумф на изборите за градоначалник на Њујорк.

„Главниот град на светот“ не е Америка во својата срж, тој е космполитски конгломерат составен од наследниците на доселениците од целиот свет. Како и Американците кои доаѓаат во него во потрага по иднината. Генерално, тој е ориентиран кон демократите и тешко е некој републиканец да победи таму.
Главното прашање за Мамдани беше како да победи во примарните избори во Демократската партија. Кога ја помина таа пречка, патот беше полесен.
Триумфот на Зохран Мамдани и моќта на волонтерските движења
Илјадници текстови, анализи, коментари, паралели и што уште не беа напишани низ светските медиуми за тоа дали победата на Мамдани може да биде пресликана или инспиративно искористена за политички битки во одредена земја. Така и во Македонија.
Мамдани е дел од левото популистичко крило во Демократската партија, каде се сенаторот Берни Сандерс и конресменката Александрија Окасио-Кортес.
Американскиот образец во политиката и идеолошката поделба меѓу двете главни партии е речиси неприменлив на европскиот континент. Така што чудесната победа на Мамдани за спефичниот случај на Њујорк тешко може да се примени каде било во Европа, а особено не во Македонија.
Армијата волонтери – дури 100.000 – му помогна на Мамдани да победи. Тие беа главната сила која го приближи Зохран Мамдани до њујорчани, а не кампањата преку социјалните медиуми.

Има два поучни примери за истражување како поразената опозиција во Македонија може да се сврти наоколу и да побара инспирација за да стигне онаму каде што сега изгледа дека е недостижно. И како еден политички ангажман со јасна цел, со уште појасни политики и со идеолошка платформа која обединува луѓе од цел еден центристичко-левичарски спектар може да направи политички чуда.
Тие два изборни примери поминаа под радарот во македонската јавност, иако кон едниот беа насочени одредени светла. Тоа беа изборите што се одржаа во Ирска и Холандија минатиот месец. Во првата земја се работеше за претседателски избори, во втората тоа беа предвремени парламентарни.
И во двете земји резултатите беа шокантни за политичките елити, но извонредни примери како одредени општества можат да се справат со популизмот на крајната десница, но и политиките на класичната десница.
Може ли СДСМ нешто да научи од овие примери и да се врати онаму каде што секогаш припаѓал? Може. Ако ги проучи добро и ако од тамошните пораки може да дестилира нешто што е применливо во Македонија.
Левицата во Ирска и дигиталното доба
Во вторникот, во ден на помпа и прослава, Кетрин Коноли, 68-годишната поранешна адвокатка, даде заклетва како десетти претседател на Ирска во нејзината стогодишна независност. Таа вети дека ќе ја направи Ирска „република достојна за своето име“ користејќи го своето претседателствување за да се залага за различноста, ирскиот јазик и наследството на деколонизацијата.
Коноли во својот инаугуративен говор изнесе левичарска алтернатива на централнодесничарската ортодоксија. „Нè наведоа да веруваме дека тоа е преголем скок, дека нашите идеи се премногу далеку, премногу левичарски – во спротивност со преовладувачкиот наратив“, рече таа, осврнувајќи се на нејзината убедлива победа на изборите минатиот месец.
„Сепак, во заедничките разговори низ целата земја, стана очигледно дека доминантната (централнодесничарска) нарација не ги одразува ниту претставува вредностите и грижите на луѓето. Луѓето постојано зборуваа за тоа како таа служи за замолчување, за некои други, за етикетирање, за исклучување и за задушување на критичкото размислување. Народот се изјасни и му даде на својот претседател моќен мандат да ја артикулира својата визија за новата република, република достојна на своето име каде што секој е ценет и различноста се цени“.

Кога анкетите во последните две недели почнаа да покажуваат дека Коноли е на пат да победи, тоа уште не изгледаше веројатно за политичкиот естаблишмент. Па нејзината победа со 64 отсто од гласовите над владиниот кандидат дојде како шок.
Коноли беше независна левичарска пратеничка и успеа да ги обедини опозициските левичарски партии, ги охрабри младите гласачи и триумфираше.
Претседателството на Ирска е во голема мерка церемонијално, но се смета за совест на општеството, а досегашниот претседател Мајкл Хигинс тие ограничувања ги претвори во платформа за домашни и меѓународни прашања.
Како Кетрин Коноли успеа да стигне до оваа победа и да ги мобилизира апатичните гласачи во широка коалиција? И какви лекции носи нејзината победа за прогресивците во други држави?
Ирските колеги пишуваа дека силата страна на Коноли беше нејзината автентичност. Нејзината лична приказна ги обликуваше нејзините ставови за социјалната правда и еднаквоста. Таа порасна во големо работничко семејство, одгледана од татко вдовец во општинска куќа.
Иако има 68 години Коноли успеа да го привлече вниманието на гласачите со автентични вирални видеа на кои се прикажани нејзините фудбалски и кошаркарски вештини. Таа е страсна тркачка и пливачка, нејзиното најдобро време за маратон е три часа и 36 минути. Нејзиниот тим побара да престане со своето хоби возење ролерки за да не се повреди за време на кампањата.
Таа не е ораторка што собира луѓе, туку жена со тивок говор, склона кон нијансирање. Таа избегнуваше фрази, освен повторување дека претставува движење за „нова република“ и дека е независен кандидат со независен ум.
Иако агитацијата на крајната десница е карактеристика на општеството, електоратот се поместува налево, келтското оживување е основа на добар дел од популарната култура, ирскиот јазик е во подем. Приказната на Коноли им се допадна на гласачите на кои им е здодевно од политичарите од десниот центар чии претерани генерички пораки се изострени до точка на тапост.
Политиката на Коноли е неапологетски кон лево. Таа постојано зборуваше против војната и милитаризацијата, многу е критична кон одговорот на ЕУ на она што во Ирска е прифатено како геноцид врз Палестинците и ги критикуваше САД за финансирање и вооружување. За разлика од кандидатот на владејачката централнодесничарската партија, таа не се вклучи во негативна кампања и наместо тоа имаше оптимистички тон и остана смирена во дебатите.
Коноли имаше дарба и знаење да се извлече од внимателно кореографирани медиумски сценарија и се вклучи во популарни поткасти за долги интервјуа во кои зборуваше за својата визија за претседателство изградено врз прогресивни вредности. Однадвор тоа изгледа како политички лесно совладливо, но начинот на кој се изговораат пораките и во исто време и нијасираност и решителност ѝ го отворија патот на Коноли кон младите гласачи.
Колумнистаката на „Ајриш тајмс“, Уна Малали, пишуваше дека нејзината кампања се потпираше на организациските стратегии на локално движење, а не на централизирана партиска машина. Таа учеше од децентрализираните волонтерски мрежи што имаа огромен ефект за време на референдумите за еднаквост во бракот и абортусот во Ирска за да мобилизираат активисти низ целата земја. Нејзината кампања, како и сите успешни движења, поминуваше низ порите.
Тимот на Коноли ја разбираше визуелната култура како доминантна форма на онлајн комуникација, но исто така и мотивите во таа визуелна култура што им се допаѓаат на помладите луѓе. Дизајнот на кампањата имаше келтски мотиви. Во интервју за онлајн весникот „Џорнал“, Ана Касиди, 26-годишната графичка дизајнерка која го создаде идентитетот на брендот за кампањата на Коноли, рече: „Тоа докажува дека дизајнот може да раскаже приказна, да пренесе порака и да се поврзе со луѓето и на емоционално и на културно ниво“.
Коноли ги разниша методите на политичкиот естаблишмент и покажа како автентичната врска со гласачите може да се поттикне со позитивна, софистицирана кампања. На крајот, Коноли имаше што да каже – но нејзините тактики во кампањата беа тие што ги натераа луѓето да слушаат.
Холандија: „Големиот шатор“ на Роб Јетен
Холандските гласачи на изборите на крајот на октомври беа заведени од позитивноста на прогресивните либерали и им ја испорачаа победата над крајната популистичка десница на нејзиниот европски архетип Герт Вилдерс.
Како победата на холандските прогресивци над популизмот може да ја подучи Европа? А зошто не и Македонија?
Холандскиот пример е многу илустративен. Победата на прогресивните либерали од партијата Д66, а особено на нејзиниот заразно оптимистички млад лидер, Роб Јетен, открива дел од тајната. Таа не може да се примени секаде, но може да биде инспиративна. Д66 ја победи антиимиграциската Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс со само 28.400 гласови, од повеќе од 10 милиони гласачи.
Двете партии ќе имаат 26 места во новиот холандски парламент: зачудувачки успех за Д66, која имаше само девет на последните избори, и понижувачки пораз за Вилдерс, чија крајно десничарска партија освои шокантни 37 места на претходните избори во 2023 година.
Но, иако секако постојат лекции што треба да се научат од либералите за извонредниот настап на Д66 и Јетен, тие се далеку од универзално применливи. И секако холандската крајна десница не е поразена, таа само ја изгуби оваа изборна битка.
Прогресивците честопати го третираат патриотизмот како радиоактивен. Знамињата и химните се оставени на популистичката десница. Но, Роб Јетен и неговата партија покажаа дека е можен друг пристап.
Симон ван Теутем, колумнист на „Де Кореспондент“, вели дека партијата под водство на Роб Јетен го користеше она што би можеле да се нарече прогресивен патриотизам. Гласачите позитивно одговорија на тоа. Неколку стратегии, според Теутем, го дефинираа тој успех, а прогресивците низ Европа може да искористат некоја од нив.

Со години, холандската левица честопати звучеше како здодевен родител – „не можам“, „нема да го направам“, „невозможно“. Јетен го преврте сценариото. Тој им кажа на луѓето: „Оваа земја може многу подобро, па зошто да не почнеме?“ Позајмениот слоган на Јетен, het kan wél, беше несмасен холандски превод на „да, можеме“ на Барак Обама. Но, позитивната порака резонираше.
Потоа, национализмот долги години се сметаше дека е предодреден за десницата. Изразите на гордост беа отстапени на партијата на Вилдерс и на протестите на земјоделците. Теутем вели дека Д66 раскрсти со тоа погрешно самокамшикување и покажа дека може да се биде горд на земја рангирана меѓу најсреќните во светот без да се исклучуваат малцинствата или да се оцрнуваат надворешните лица.
Додека другите левичарски и центристички лидери се обидуваа да звучат премиерски, Јетен ги соблече ракавиците. Во дебатите тој немилосрдно се соочи со Вилдерс за деталите од политиките на крајната десница, од климатската криза, проевропеизмот, до миграцијата. Јетен избегнуваше непотребни препирки со идеолошки соседни партии и наместо тоа се фокусираше на она што е спротивност од Вилдерс.
Прогресивците кои се согласуваат меѓу себе за 80 отсто од прашањата честопати се фиксираат на 20 проценти каде што се разликуваат. Јетен ја прекина таа навика, одлучувајќи да гради широка, иако несовршена, коалиција на гласачи. Од 2012 година, целокупниот прогресивен блок во Холандија постојано се намалува. Јетен успеа да допре до десничарскиот електорат и да изгради голем шатор во кој гласачите и од левицата и од десницата се чувствуваа удобно.
Јетен сфати дека надежта се продава, вели Ван Теутем. Додека другата поранешна либерална партија, ВВД, сега поконзервативна сила, стануваше сè помрачна и ги усвојуваше темите на ПВВ на Вилдерс, Јетен ги отвори завесите.
Во земја уморна од цинизам и неинспирирана од мрачноста на левицата, Јетен успеа да покаже дека оптимизмот не е наивен, дека довербата не мора да биде конзервативна и дека надежта, правилно аргументирана и цврсто бранета, не е знак на слабост, туку извор на сила.
Демократи 66 беше формирана во 1966 година од група незадоволни холандски активисти во хотелот „Краснаполски“ во Амстердам за секој Холанѓанец „вознемирен од сериозната девалвација на нашата демократија“. За многу гласачи, зборовите се чини дека одекнаа особено силно речиси шест децении подоцна, по првата национална влада во која Вилдерс беше во центарот на моќта.
Оние кои добро го познаваат Јетен велат дека тој е „вистинскиот избор“.
Работеше како менаџер во националната железничка мрежа пред да влезе во политиката и го запознал својот партнер, аргентинскиот хокеар на трева, Николас Кинан, во супермаркет. Тој ќе биде првиот премиер на Холандија кој е геј. Појавувањето во телевизиското шоу „Најпаметниот човек“ го претстави Јетен на милиони луѓе. Во дебатите тој беше дотеран и безмилосен кога го напаѓаше Вилдерс.

Формирањето влада во Холандија е комплициран процес. Пропорционалниот изборен модел во Холандија е максимално демократски. Една партија може да добие пратеничко место со поминат праг од 0,67 отсто од гласовите. Тоа е така веќе сто години за земјата да се управува со коалициски влади.
Во новиот парламент има 15 партии. Д66 на Јетен победи со 17 отсто од гласовите. За да обезбеди мнозинство во парламентот со 150 членови, потребна му е коалиција што ќе собере 76 места. Најверојатниот е четирипартиски „голем“ сојуз што ќе го опфаќа целиот политички спектар – но ќе биде тешко да се преговара.
Јетен назначи „скаут“ како што тоа вообичаено се прави во холандската политика, да ги испита можностите за коалицирање, а дури потоа да се работи на владината програма. Тоа може да трае и до шест месеци.
Може ли во Македонија да се научи од овие примери?
Тоа е дел од прагматизмот на холандската политика. Лекциите што прогресивците му ги покажаа на светот може да бидат поука за многу партии и од мејнстримот и надвор од него. Кој може да ги прилагоди на сопствените околности. И се разбира, кој сака да учи или може да учи.
И во Македонија може да се подигне голем прогресивен шатор, само некој треба да го изгради. И да собере несовршена коалиција на гласачи и да се продаде надежта. Навидум лесните работи, всушност се најтешки. (Dw)







