Никогаш македонската власт не се однесувала вака во меѓународната политика

Денко Малески

Никогаш, од независноста наваму, македонските политичари не се однесувале вака. Од каде храброста, ако не и дрскоста, се прашувам, на претседателката и на премиерот на Македонија во јавната комуникација со високите претставици на ЕУ? „Топки“, „петки“ и слични цинични изјави… Се сеќавам на тешките почетоци на независноста кога се раководевме од народната: „добар збор, железна врата отвора “.

Да не зборувам за ситуации кога, во интерес на народт и на државата во настанување, мораше да кажете дека врне и кога ве плукаат, а не да му се жалите на народот дека ве плукнале. Но, тогаш бевме меѓународно непризната држава, па така, не ретко, средбите со соговорниците од Америка и од ЕЗ/ЕУ ги завршував со зборовите:„Please, help us“. На тоа одговараа доста искрено: за ова и ова можеме да ви помогнеме, за ова потешко, а за ова никако. Се прашувак дали сеуште се водат вакви разговори на официјалните средби надвор од очите на јавноста или се се сведува на „европскиот диктат“ и „накедоскиот пркос“. Ќе да е ова второво. И повторно: од каде оваа ненадејна „храброст“ на македонскиот политички врв?

Коренот на ваквото поведение, мислам, е во повлекувањето на американскиот ангажман во натамошно градење на проектот ЕУ. Помина времето кога, како тандем со европската, американската политика знаеше да диктира и да наметнува политики а европската можеше да покаже со пример како се прави тоа. Моќта на Америка, единствената супер сила од деведесеттите, беше неприкосновена и сите во Европа, големи и мали, се виткавме во насоката во која дуваше американскиот ветер. За тоа (да се виткаме во американската насока) се грижеа нивните амбасади и амбасадори во Скопје, на пример. Генерално гледано, добри беа тоа времиња за Македонија. Имено, отсуството на способност за промени или подобро кажано, отсуството на либерален капацитет дома, беше надоместен со притисок од надвор. Се одеше дотаму што, кога македонските или политичарите на другите земји на Источна Европа не беа во состојба да држат чекор со промените, тие беа принудени да заминат од политичката сцена. Тоа им се случи на двајца претседатели на ВМРО-ДПМНЕ. На првиот, за да се отвори патот кон промена на уставното уредување што ја спаси земјата од граѓанска војна, на вториот, за да се отвори патот кон НАТО членство. Тоа беа времиња кога, како дел од проектот за мирен Блкан интегриран во ЕУ и во една евро-атлантска зона на мир, македонскиот национализам беше ставан „во шише“ од страна на Америка и беше држен таму.

Со доаѓањето на новата администрација на Трамп, се загуби американскиот интерес за заедничка акција на Брисел и Вашингтон во реализацијата на планот за ширење на либералната демократија во Европа и во светот. Презирот кој го покажува новиот американски „трансакциски“ претседател Трамп кон европските политичари па и кон идејата за „демокартија како светски процес“ е толку очигледна, што, мислам дека и нашите политичари се осоколија да го имитираат. Со доаѓањето на Трамп, партијата на македонските националисти излезе од „шишето“ и се најде во една комотна позиција во однос на сите нејзини поранешни политички гарнитури. Не само што го нема веќе либералниот хегемон да притиска за либерални решенија, туку, сегашното раководство ја има преќутната поддршка на Трамп за националистички решенија, како политички така и економски. Конечно, тоа е суштината на политиката на Доналд Трамп. Тоа што сегашниот американски претседател нема поим што значи таквата политика во една мултинационална заедница или што значи отсуството на проектот ЕУ за малата македонска држава и економија, не е негова грижа. Тоа е грижа на македонските политичари. Како што требаше да биде грижа на Зеленски да го сочува мирот во Украина наместо да и пркоси на Русија, така е и грижа на македонските власти да престанат, ала Трамп, да и пркосат на ЕУ и да бара дипломатски решенија за нашите проблеми. И нема да им падне круната од главата ако, наместо да се расправаат, речат:„Please, help us“. Секој кој ја знае „специфичната тежина“ на нашата држава во реалната меѓународна политика, би го сторил тоа.

 

Back to top button
Close