Четири лица се хоспитализирани поради труење со хлор на базен во Охрид
Четири лица завршиле во болница откако вчера попладне во затворен базен на охридски хотел дошло до технички проблем во системот за циркулација на водата, што довело до испуштање на поголема количина хлор.

Според информациите од СВР Охрид, случајот бил пријавен во 17:31 часот. Присутните во просторијата почувствувале продорен мирис на хлор и забележале зголемена пареа од базенот по што четири лица добиле напади на силна кашлица.
Повредените веднаш се пренесени во Општата болница во Охрид од каде потврдуваат дека пациентите се задржани на лекување, но се наоѓаат надвор од животна опасност.
Од преземените мерки, додаваат од СВР Охрид, било констатирано дека станува збор за технички дефект во системот за циркулација на водата.
Веднаш по инцидентот, интервенирала овластена фирма која извршила целосна замена на системот.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“соопштуваат од СВР Охрид





