Реставрацијата и вториот атентат на СЈО

Римскиот писател Гај Светониј Транквил во неговата многу позната книга „Дванаесетте римски цареви“ го опишува владеењето и личните карактеристики на дванаесетмина цезари – Од Јулиј Цезар до Домитијан. Пишувајќи за озлогласениот Нерон и неговите наследници, Светониј наведува дека по неговата смрт во во 68 година од н.е. римскиот Сенат го прогласил за јавен непријател, поведувајќи damnatio memoriae за да го избрише неговото наследство. Ова вклучувало уривање на неговите статуи, оштетување на натписите и демонтирање на неговата огромна „Златна куќа“ (Domus Aurea), иако некои споменици, како што се неговите монети, биле тешки за отстранување.
По големиот пожар од 64 година од н.е., Нерон изгради масивен комплекс на палати, Domus Aurea, кој покриваше значителен дел од градот. По неговата смрт, подоцнежните цареви се обиделе да го избришат овој споменик на неговото его со враќање на земјиштето за јавна употреба, вклучително и изградба на Колосеумот над местото на неговото приватно езеро.
Одлуката значеше дека Сенатот повеќе не го признаваше за цар, сметајќи го за закана за државата поради тиранија, нестабилност и губење на поддршката. Јавните записи и почестите што му биле доделени беа одземени за да го означат неговиот срам. Требало да се исфрлат сите споменувања во јавното паметење на неговото 14-годишно владеење.
Еден сличен процес се одвива сега во Македонија со поранешното Специјално јавно обвинителство, чија работа почна со фанфари за ослободување во заробената држава во септември 2015, а заврши осрамотено и исцедено од партиско менгеме во јуни 2020.
Конечна егзекуција
Партиски и други ешалони се впрегнати да се изврши конечната егзекуција на СЈО кое пропадна не само поради наивната вклученост на Катица Јанева во корумпирани дејанија, туку и затоа што партиите што го формираа правеа тоа да го снема, затоа што веќе им претставуваше товар. Па од опскурност се појави поранешната јавна обвинителка Лејла Кадриу, која беше само два месеци во СЈО и потоа отстранета од Јанева, да дава дефинитивни оценки за неговата работа. И да зборува во многу негативно светло за обвинителите Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, а тие нејзини оценки да ги презема со сите можни раце централата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нападите врз Ленче Ристоска не се од вчера. Таа е трн в око за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го води случајот наречен „Талир“ за финансирањето на партијата. И затоа што изгледа нескршлива, смирена и разложна, објаснувајќи зошто нема да потклекне пред нападите на партијата и нејзиниот лидер. Таа поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи дека е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.
„Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известувањето до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска.
Претходно таа побара и јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски поради навреди и дисквалификации и нагласи дека не се откажува од предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, каде го застапува обвиненето и кои се одложуваат по којзнае кој пат по ред од 2019 година. Ристоска е и кандидат за нов државен обвинител.
Сето тоа ја „квалификува“ да биде неофицијално прогласена за „јавен непријател“ на ВМРО-ДПМНЕ, па мора да се врпегнат сите сили таа да се дисквалификува и со неа да се запрета и последното оганче на СЈО.
Еве само една од рундите напади на ВМРО-ДПМНЕ од 9 февруари:
„Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка била Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС.
Овие информации во јавноста ги пренесе Лејла Кадриу, поранешна обвинителка од згаснатото СЈО, актуелен адвокат која пред СЈО работела во јавното обвинителство во Тетово. Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра. Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска, претендент за државен јавен обвинител, и Гаврил Бубевски кој сакаше уште еден мандат во скопското јавно обвинителство. Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот“. И така натаму и така натаму. Нема врска што податоците за трошењето на парите се невистинити.
Во оваа вмровска артилериска канонада се вклучи и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски. Тој во еден огромен текст на Фејсбук од 480 реда тврди дека „СЈО беше вистинско злосторничко здружение“. Па раскажува за тоа како биле злоупотребувани сведоците во неговите процеси, за наводни заканувања, за „исплашени адвокати“. И дека „таму имаше сѐ освен правда. А неправдата не е отстранета ни денес“. Па потоа да се фати во детално прераскажување на интервјуто на Кадриу на Алфа.
Сентенцата на Груевски дека неправдата не е отстранета ни денес треба да се исправи со вториот атентат врз Специјалното јавно обвинителство и тоа да се запише во црната меморија и по можност, како со наследството на Нерон, целосно да се избрише од сеќавањето, а сите оние кои доведоа до оценката на ЕУ за „заробена држава“ да бидат претставени за народни трибуни.
Фамозното „начелно“ мислење
Ова е вториот атентат врз СЈО. Првиот му ги зададе најтешките рани точно пред седум години. Фамозното „начелно“ мислење на Врховниот суд (тогаш под раководство на Јово Вангеловски) за рокот на истрагите што ги води Специјалното јавно обвинителство ја стави во вештачка кома институцијата, која во тој момент изгледаше како единствената надеж за правда во Македонија. Една негова изјава од интервју за „Независен весник“ во тоа време дека „само господ е повисоко од Врховниот суд“ го извади Врховниот суд од судскиот систем и го смести на некој остров од каде пророчки треба да командува со настаните во општеството.
Таа одлука беше дел и од мозаикот на големата лична нетрпеливост и меѓусебното омаловажување меѓу Јово Вангеловски и Катица Јанева. Она што Јанева го кажа за Вангеловски тогаш во гостувањето на згаснатата телевизија 1тв премина некои куртоазни негативни рамки: „Немам доверба во тоа лице. Не го почитувам како професионалец и судија, избегнувам средби со него. Тој не постапува професионално и манипулира со јавноста. Се чудам како не даде оставка“. Тој одговори од соодветната индигнација: „Под достоинство ми е да се спуштам на такво ниво на комуникација. Јас сум, сепак, малку писмен“.
Личниот анимозитет некогаш влијае врз настаните во општеството. Но во овој случај тоа беше само дел од пошироката приказна за реставрација на ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш, како и сега во центарот беше случајот „Талир“ за да се спаси ВМРО-ДПМНЕ од банкрот. Подносителот на иницијативата до Врховниот суд, адвокатот Еленко Миланов, на Телма изјави дека мотивот за неговата постапка бил единствено случајот „Талир“ и спасот на партијата. Сето друго доаѓа како бонус. И Јанева на 1тв на поинаков начин го потврди тоа: „Имав средба со Мицкоски, тој ја побара. Во ноември. Разгроваравме најмногу за предметот ’Талир‘ и за имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Јас побарав пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат продолжувањето на нашиот мандат. Мицкоски рече дека не може да влијае врз пратениците, но ќе разговара со нив“. Мицкоски да ти бил генерал без војска – не можел да влијае врз нив, но ќе поразговарал.
Во основа, начелното мислење на Врховниот суд за мандатот на СЈО имаше една единствена цела да се поплочи патот кон реставрацијата. Прво во партијата, а потоа полека и во општеството. Кога Бурбоните се вратија на власт во Франција во 1815 година (поточно, беа донесени назад) тие беа жедни за одмазда, за враќање на стариот поредок кој го урна револуцијата од 1789 година. Тие се вратија во кралските одаи заедно со Луј 18. Големиот дипломат Талјеран тоа го опиша со зборовите: „Тие не научија ништо и не заборавија ништо“ и уште од првиот ден ги повторуваа грешките од минатото поради кои избегаа во егзил. Да се потсетиме на познатото интервју на тогашниот претседател Ѓорге Иванов од мај 2016 година за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кога објаснуваше дека би ја донел истата одлука за аболицијата и кога ја даде познатата ројалистичка пресуда: „Оваа атмосфера на конфликт е дело на Специјалното јавно обвинителство. Тоа истражува селективно само против владејачката партија“.
Како што Бурбоните во Франција не се откажаа од териториите што ги освои Наполеон, така и овдешните „бурбони“ не се откажаа од Преспанскиот договор, ниту од членството во НАТО, ниту од законот за јазиците. Ниту од договорот со Бугарија. А изгледа дека ќе се откажат (иако јавно декларираат дека не) од членството во ЕУ. Уште малку Македонија ќе загуби четири години од усвојувањето на Преговарачката рамка во ЕУ. И како што сега стојат работите, сегашната влада е подготвена Македонија да изгуби и уште 10 години и нема да се обиде да го закачи малиот македонски чамец на големиот европски брод. Целта на македонските „бурбони“ е едноставна како и на сите ројалисти – да владеат со секој сегмент на општеството, за кое мислат дека некој неправедно им го украл.
Во таа филозофија на ројалистите Ленче Ристоска е отпадник од злогласното СЈО. Тоа беше уништено со заедничка сила на многу актери – политички и други. Неговиот гроб денес уште се гледа. Сега со вториот атентат треба да се срамни со земја секој спомен на него, а неговите најпознати претставници да бидат премачкани со катран, па кога „растураат пердуви“ тие да се лепат на нивните лица. И најпосле да изгледаат како страшила. Македонија се враќа во еден од нејзините пеколни кругови, но како да нема сила која може да ја извади од таа вртоглавица.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com/mk






