Владин авион: Кој живее од популизам, од него и ќе настрада
Соња Крамарска
Линчот што на социјалните мрежи го доживеја премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за темата нов владин авион, покажа дека кој во политиката живее од популизам, од популизам и ќе „умре”. Или: тоа што си посеал, тоа ќе жнееш.

Мицкоски од првиот ден на доаѓање на власт се служи со тврд популизам во политиката. Така создаде гласачи и поддржувачи кои презираат богати луѓе, кои на богатите гледаат како на криминалци и меѓу кои не е срамота да бидеш сиромав, туку е срамота да бидеш богат.
Таа негова политика сега му се удри од глава. Јавноста е долго хранета со популизам кој сега, кога владата сака да купи нов и побезбеден авион за државни потреби, му се врати на премиерот како бумеранг.
На владата ѝ е потребен авион оти сегашниот е стар и дотраен и сака да купи нов. Во принцип тука нема ништо лошо, навистина не треба да се изложува државното раководство на ризик да лета со стар и неисправен авион. Особено затоа што имаме веќе еден трагичен настан со несреќа на претседателскиот авион.
Но, јавноста му реплицира на премиерот дека и градските автобуси се дотраени и ризични, ама граѓаните мора да се возат со нив. И дека и здравството е слабо и со недоволни ресурси, но ете го трпиме. Со еден збор, јавноста се обидува да му постави приоритети на премиерот кога веќе тој ги помешал.
Мицкоски се повлече под жестоките критики и разочарано рече: Добро, нема да купиме авион, ќе летаме со овој, па може и да загинеме. Тоа доведе до уште поголема ерупција од граѓанско незадоволство. Јавноста е гневна бидејќи смета дека државата и Владата ги занемаруваат и ги ставаат во втор план своите граѓани и нивните потреби.
Гласачи за партиските потреби
Сега премиерот и претседателката имаат три опции на располагање: да купат авион и да паднат во немилост кај своето избирачко тело, да ризикуваат и да летаат со постоечкиот авион и да си ја стават главата в торба, или да летаат со комерцијални линии, а стариот авион да го приземјат и да го остават да скапува со своите два-три милиони долари вредност. Ниту една од варијантите не е поволна за нив.
Не е спорно дека е потребен нов авион. Проблемот е, меѓутоа, што јавноста веќе подолго време е убедувана дека Владата ќе води само политики што се поддржани од граѓаните и што ги бараат граѓаните. Таквата јавност сега бара од премиерот, претседателката и министрите, да ја делат судбината со својот народ. Јавноста е така и обликувана, ѝ го сменија менталниот код и целосно ја моделираа според своите партиски потреби за „богоугодни“ избирачи кои се соживеани со својата партија.
Е, ама дојде време партијата (читај власта) да има поголеми потреби од народот. И тоа е нормално. Власта има и далеку поголема одговорност од народот. Премиерот и министрите, претседателката и шефот на парламентот, имаат помалку време на располагање од народот, ограничени се со временски мандат и сакаат секоја минута владеење да ја искористат за да направат нешто за своите избирачи.
Но, засега функционерите ќе мора да летаат со стариот авион. Како што и нивните сограѓани се возат со стари автобуси, страдаат без доволно и без современи лекови во болниците, немаат доволно пари за здрава храна, немаат економски стандард за пристоен живот.
Популизмот воздигнува, но и руши
Епизодата со авионот покажа дека е дојдено време власта да си остане на зборот и кога веќе еднаш рекла дека е со својот народ, да остане со него до крај. Во спротивно ќе се најде на спротивната страна од граѓанската волја. И ќе станат пример за тоа дека популизмот воздигнува, но популизмот и руши. Ако не се избере оптималната доза. Што Владата и воопшто власта пропуштија да го направат.
Во нормални околности, немаше ни да се води дискусија дали владата и државата треба да имаат нов и безбеден авион. Безбедноста при патувањето на оние што нѐ претставуваат во странство мора да биде златен стандард. Дури и покрај тоа што сопствен авион не е поевтина варијанта за патување. Напротив, многу е поскапа, затоа што авионот троши пари и кога е на земја. Во некои случаи и повеќе троши на земја откалку кога е на небо. Според кажувањата за честите дефекти и сервисирање, таков е случајот со сегашниот владин авион.
Сопствен владин или претседателски авион се купува и заради штедење време за да не зависат државните раководители од редот на летање на комерцијалните авиокомпании. Тоа е така затоа што се тргнува од претпоставката дека времето на еден премиер, министер или претседател е драгоцено и на треба да се троши на аеродроми чекајќи лет, или на преспивање во друга држава затоа што летот за враќање е утре. Што е и навистина така.
Тоа е логиката за поседување авион, а не затоа што со него се лета поевтино. Ниту пак затоа што наводно претседателите од регионот се потсмевале на македонскиот мал и стар владин авион, како што нѐ информираше претседателката. Нејзе стариот авион не ѝ пречеше пред да дојде на функцијата, па се противеше на купување нов авион. Денес, како шефица на државата, ја брани потребата за нов и безбеден државен авион. Штета што јавноста не еволуира со брзина со која еволуираат ставовите на нашите највисоки државни претставници. Но, јавноста е таква каква што ја скроија.(dw)






