Апелација пресуди во корист на Анѓушев – ја одби жалбата на ИРЛ за тужбата од бизнисменот дека бил клеветен пред пет години

Секоја чест. Вака уредничката на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Сашка Цветковска, иронично и со горчина, кусо во судницата ја искоментира одлуката на Апелацискиот суд Скопје, кој пресуди во корист на бизнисменот Кочо Анѓушев кој ја тужеше ИРЛ поради изнесени наводи во документарниот филм „Заговор против воздухот“, емитувана пред пет години на МРТ, пренесе 360Степени.

Имено, скопскиот Апелациски суд денеска ја одби како неоснована жалбата што Цветковска и ИРЛ ја поднесоа на првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, според која ИРЛ не нејзината уредничка изнеле лаги и клевети во документарецот, со цел да ги нарушат честа и угледот на бизнисменот.

Изрекувањето на одлуката на Апелација траеше околу две минути. Неа ја соопшти судијата Суад Алиу, кој заедно со неговата колешка Софија Миленкова беа во судечкиот совет на второстепениот суд кој одлучуваше по жалбата.

„Во името на граѓаните на Република Северна Македонија жалбата на тужениот се одбива како неоснована“,рече судијата Алиу читајќи ја одлуката, додавајќи дека истовремено тужбата за која е изречена првостепена пресуда се потврдува.

Судијата додаде уште само дека по однос на паричните трошоци судот ќе се произнесе во писмената изрека на пресудата.

Образложение на пресудата тој не изнесе. Тоа, како што налага постапката, треба да биде содржано во писмената објава на пресудата, што може да се очекува во наредниот период.

Во судницата беше присутна новинарката Цветковска заедно со своите колеги. Од другата страна, пресудата ја слушна адвокатката Мери Младеновска-Ѓорѓиевска (инаку, поранешна министерка за правда), која е правен застапник на бизнисменот Анѓушев. Тој не се појави во судницата.

Претставниците на новинарските организации – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), кои беа во судот, најавија писмени реакции на пресудата.

Инаку, одлуката на Апелацискиот суд е конечна, а доаѓа по втората првостепена пресуда на Граѓанскиот суд. Во првата пресуда судот ја отфрли тужбата на Анѓушев, но Апелација по неговата жалба предметот го врати на повторно одлучување, со напатствија во однос на направените пропусти во првостепената постапка.

Истата судијка во октомври 2023 година, повикувајќи се на напатствијата од Апелација, донесе сосема спротивна одлука, односно пресуди дека ИРЛ и Цветковска во емисијата објавиле невистинити факти против бизнисменот и ги задолжи медиумот и неговата уредничка да им платат по 60 денари на Анѓушев и неговите фирми кои се јавуваат како тужители и да ја објават изреката на пресудата во дневен весник.

Како што наведе тогаш судијката во скопскиот граѓански суд , уредничката и ИРЛ во емисијата објавиле дека тужителот Кочо Анѓушев како тогашен вицепремиер во Владата, во неговиот кабинет ги запознал Кенан Ахметлиќ од ’Хива оил’ и Илија Стрезовски од „Евротим’, фирми кои по средбата како клиенти ги добиле фирмите на Анѓушев „Брако“ и „Фени индустри“ односно денешно „Евроникел“. Целта на зделката била набавка и купопродажба на мазут.

„Во случајов, кога се работи дали да се заштити приватно право или право на слобода на говор, секогаш сум била на страна да се заштити слободата на говорот и ова е можеби прва или втора пресуда во кариерата во која носам ваква одлука. Апелацискиот суд ми ја укина (претходната) одлуката бидејќи сум морала повеќе да обрнам внимание на честа и угледот, кој исто така е заштитен со Европската конвенција за човекови права“рече на 24 октомври 2023 година судијката Спировска-Панева по изрекувањето на пресудата со која ја потврди тужбата на Анѓушев и неговите фирми кои, исто така, се јавуваа како тужители.

Оваа пресуда тогаш предизвика бурни реакции не само меѓу новинарската фела, туку и воопшто во јавноста, меѓу политичарите, а во врска со неа реагираа и меѓународни новинарски здруженија и организации.

Силни реакции предизвика и коментарот на судијката дали во случајот со ИРЛ станува збор за вистински медиум што се занимава со истражувачко новинарство и дали неговата уредничка Сашка Цветковска навистина е истражувачки новинар.

На денешното изрекување на одлуката на Апелацискиот суд му претходеше јавна седница, што се одржа на 16 февруари, во која двете страни ги соочија своите аргументи.

Апелација на 25 февруари треба да пресече дали ИРЛ објавила невистини за Кочо Анѓушев пред пет години

Во прилог на жалбата на тужбата, правниот застапник на Цветковска и ИРЛ, адвокатката Бојана Давитковска од адвокатската канцеларија на Филип Медарски, меѓу другото, се осврна на коментарите на судијката, за кои рече дека се од суштинско значење, затоа што со тоа судот противправно се впуштил во во утврдувањето на статус и својството на тужените како новинар и како медиум.

Во овој контекст таа наведе и дека тужбата поднесена од Анѓушев е класичен пример на Стратешка тужба против јавното учество или т.н. СЛАПП (SLAPP)-тужба, за што Комитетот на министри на Советот на Европа во 2022 година има донесено одлука во насока на заштита на новинарите.

„Сакам да потенцирам дека судот пропуштил целиот овој период да утврди дека оваа тужба ги има сите карактеристики на Стратешка тужба против јавното учество, односно новинарите, а ова може да се утврди од содржината на тужбеното барање. Овој вид тужби најчесто се поднесуваат како неосновани, маскирани тужби за клевета и обично се поднесуваат со намера не да добијат правда, туку да ги исцрпат тужените и се базираат на нерамнотежа на моќта меѓу тужителот и тужениот со спречување на јавноста од обелоденување прашања од јавен интерес“рече адвокатката на јавната седница.

Дополнително, адвокатката наведе и дека Анѓушев воопшто и не бил главната тема во емисијата бидејќи неговото име се споменува само во две реченици. Примарна цел на сторијата, како што рече, е загадувањето со мазут, кое е долгогодишен проблем во оваа држава.

Сепак, адвокатката Мери Младеновска-Ѓорѓиевска не со согласи со ваквиот став, наведувајќи дека ако целта било друго, зошто во емисијата провејувала фотографија со зумиран лик на Анѓушев, додека во позадината одела траорна музика.

„Од ограничувањето на слободата на говорот поопасно е само апсолутното неограничување на слободата на говорот. Тоа им се случи на тужителите против кои во јавноста беа изнесени невистини што влијаеја на нивниот професионален углед од моментот на емитувањето на емисијата до денес“,рече Младеновска-Ѓорѓиевска.

Повеќе

Back to top button
Close