Ирански ракети можат да ги погодат Софија и Атина. А Скопје?
Денко Малески
Се сеќавам дека, уште во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, некој рече дека никој не може да го победи на избори освен тој – самиот себе. Тоа беше претскажување дека една глупост, една трагична грешка, ќе ја заврши неговата кариера. Глупоста, фаталната грешка, конечно го стаса со нападот на Иран.

Тукушто бев напишал текст за „Либертас“ со надеж дека војната ќе се избегне, во саботата, кога, утрото во неделата, се будам со веста дека Америка и Израел го нападнале Иран. И тоа на ист начин како и пред шест месеци – среде преговори кои ветуваа мирољубиво решение. Поинаку кажано – измамнички. Кој уште во светот ќе влезе во преговори со Америка? И, може ли некоја администрација да биде толку глупава да влезе во војна со држава од 92 милиони луѓе , со континуитет од 2700 години државност и 5000 годишна цивилизација, и да помисли дека тој народ ќе се предаде или дека Америка ќе излезе од војната само со раскрвавен нос? Но, незамисливото се случи. После Украина, Америка прави уште една катастрофална грешка која веројатно, ќе го смени текот на историјата, не само на Блискиот Исток туку и на светот.
Дојден на брановите на незадоволни гласачи кои поверуваа дека кандидатот Трамп ќе стави крај на постојаното војување (Forever wars) на Америка и ќе се погрижи за благосостојбата на шеесетте посто американски граѓани кои живеат само од своите плати (From one pay-check to the other), Трамп ги изневери сите, а најмногу својата МЕГА база. Имено, анкетите веќе подолго време покажуваат дека 75 проценти од Американците се против секакви војувања во светот, а токму тоа им го вети Трамп. Со повикот за мир Трамп ги освои и симпатии во светот и покрај сите глупости што ги правеше подривајќи ја слободата и правната држава во Америка, некогашниот Светилник на демократијата. Се сметаше, имено, дека демократските институции се посилни од штетата што може да ја предизвика било кој претседател, па и Трамп.Изјавата дека неговата држава ја предизвикала руската агресија врз Украина со плановите за ширење на НАТО беше акт на храброст. Тоа што не можеше да го испорача мирот кој го ветуваше, се припишуваше на отпорот на „длабоката држава“ и на воено-индустрискиот комплекс. Фактот дека задачата на посредници во мировните преговори им ја довери на дипломатски неискусните Стив Витков, личен пријател и колега бизнисмен со недвижности и милјардер, и зетот Џаред Кушнер беше оправдан како обид да се заобиколат структурите во власта кои беа против мир со Русија. „Катици за се“, Витков и Кушнер трчаа од едни преговори до други – со Украинците, со Русите со Европејците, со Иранците. Без успех, се разбира.
Големиот камен на сопнување на кој, ќе покаже времето, се сопна Трамп беше Иран, во моментот кога го прифати израелското гледање на рабирите и, во заедничка акција со Нетанијаху, трна во војна за да го остварат стариот план на израелскиот премиер и да направат од Иран она што веќе направија со Сирија инсталирајќи за претседател поранешени лидер на Исламска држава кој сечеше глави. Тоа огромно влијание врз американската политика на Израел и на израелското лоби во Вашингтон, полека се става на ревизија од самите Американци. Имено, незабележано од светската јавност, геноцидот врз Палестинците во Газа предизвика драматично свртување на јавното мислење во Америка . Додека само пред некоја година сипатиите кон Израел беа над 60 посто, а кон Палестинците само 15, денес, за прв пат во историјата, симпатиите на поголемиот дел Американци, некаде околу 41 посто се на страната на Палестинците, наспроти 36 посто кон Израел. Ако сето ова, заедно со очекуваниот скок на цените на нафтата до неслутени височини, се стави во контекст на изборите за американскиот конгрес на есен, на Доналд Трамп црно му се пишува. И самиот Трамп е свесен за тоа. Еве цитат од неговото неодамнешно обраќање до републиканците:„Мораме да ги добиеми „мидтерм“ изборите, зашто ако не ги добиеме тие (демократите) ќе најдат причина за мое отповикување и ќе бидам отповикан“. Ако ги загуби и двата дома, претставничкиот дом и сенатот, претседателот може да му се суди и да заврши во затвор.
Се ќе зависи од текот и исходот на војната која така глупаво ја започна против Иран.Но настаните не му одат во прилог. Дваесетината американски воени бази во заливските држави се под оган од Ирански ракети и во тек е евакуации на некои од нив. Оваа војна е егзистенционална закана за Иран, додека за Америка тоа е војна по избор на Трамп. Немаме никакви индиции дека Иран е блиску до производство на нуклеарна бомба, ќе изјави неодамна Тулси Гарбер, директорката на националната агенција за безбедност. Што знае таа, ќе возврати Трамп. Сакаше да каже дека Нетанијаху знае подобро? Во меѓувреме, Иранската војска е укопана дома, на свој терен, па може да почне нова војна на исцрпување (war of attrition). На Трамп , пак, таква војна не му одговара зашто му се брза за да не го стасаат настаните кои следат дома. Имено, политички, пред своите гласачи,само брза победа му одговара на Трамп. Тоа нема да се случи така лесно.Тоа, пред нападот, му го рекоа генералите. Што знаат и тие?
Според проценките на Израел и на Америка, убиството на верскиот лидер Хамнеи, магистер по персиска и арапска литература, познавач на четри светски јазици вклучувајќи го и англискиот, кој одби да се крие и одлучи да стане маченик за своите верници па одеше до последниот ден во своите работни простории, и неговите соработниците,ќе ја обезглави државата и тоа ќе биде крај на режимот. Тоа,според истите погрешни проценки, требаше да резултира со бунт на народот на Иран, кој беше повикан од Трамп да ја преземе власта. Но, ефектот беше спротивен – народот, како што тоа обично се случува во ситуација на надворешна агресија, се собра под знамето на својата земја. Државата се подготвува за долга војна и спротивно на очекувањата, наместо со умерен одговор, Иран веднаш почна со радикални мерки на возвраќање – затворањето на теснецот Хормуз низ кои тече голем дел од светската нафта , удар врз американските воени бази во заливот и удар врз некои нафтени извори, како оној во Саудиска Арабија вчера.Се разбира Иран може да очекува иста судбина за своите извори на нафта, но ако се запали регионот богат со нафта, цел свет ќе биде во загуба вклучувајќи ги и агресорите.
Ова за Иранците е војна на живот и смрт со цел, еднаш за секогаш, да се ослободат од американско-израелските блокади кои траат од револуцијата во 1979 година, па затоа, овој пат, одбиваат да преговараат . Од друга страна , американските воени експерти велат дека поморската армада располага со ракети за максимум пет недели. Трамп сега спомнува американски трупи на територијата на Иран (boots on the ground). Така одат работите кога ќе зацапаш во жив песок. Франција, Велика Британија и Германија, се нудат да се приклучат на нападот на Иран. Можеби мислат дека тоа им е последна шанса да ги задржат Американците во Европа и да ја спасат ЕУ и НАТО. Русија, поддржувајќи го Иран, предупредува на ширење на конфликтот, а и Кина, во официјално соопштение застана на страната на Исламската република. Двете големи сили нема да се замешаат директно во судир со Америка, ама спиралата на ескалација на непријателствата френерично врти. Америка и Израел се впуштија во војна која не може да ја добијат освен ако на крајот, не прифаќајќи пораз , не употребат атомско оружје со кое располагаат двата сојузника, и го принудат противникот на капитулација, како што капитулираа фанатично борбените Јапонци во Втората светска војна после Хирошима и Нагасаки.И таков исход не може да се исклучи.Како што не учи историјата, се е можно. Во 1588 малите брзи англиски бродови ја потопуваат моќната шпанска аармада, гордоста на Шпанија, големата сила на времето, најавувајќи ја смената на врвот од светската хиерархија на моќ.Ова се други, нуклеарни, времиња, ни принципот е истиот – никој вечно не останал на врвот на светската пирамида на моќта, тема која најотворено, веќе неколку децении, се дебатира во американската политичка наука.
Во меѓувреме, советот за безбедност на малата балканска држава Македонија,која можеби прва, со официјално соопштение,застана зад нападот на Америка и Израел, заклучи дека земјата е безбедна. Веќе наредниот ден осамна веста дека иранските ракети со домет од 2000 км можеле да ги погодат Софија или Атина. А Скопје?






