ПРЕВЕНЦИЈАТА НЕ Е ПОСТЕР: Живот на среќа помеѓу 8 и 9 Март

Текстот е превод од gradjankezaustavnepronjene.wordpress.com и контекстуална адаптација

Дојде уште еден 8. март. Го дочекуваме како трети на листата на фемициди во Европа. А во нас кои грижата за превенција на насилство врз жените не ја пренесуваме на нова „бјути“ рутина, сè уште одекнува шкрипењето на вратата на терасата пред чија ограда стои Ивана со малата Катја во рацете, обидувајќи се да се спаси од својот убиец. Не ги слушнавме. Ниту оние од нас кои не бевме таму, ниту оние кои беа. Ниту пак ги слушнавме чекорите, стравовите и одењето на прсти на бројни други жени.

Не слушаме ни кога пријателката ни се доверува.

Не забележуваме кога сестра ни се затвoра во себе, а кумата доаѓа на гости само во придружба на нејзиниот  партнер.

Не се прашуваме зошто престанале да доаѓаат на нашите ритуални  собири во среда. Се оправдуваме велејќи дека и онака немаме доволно време.

Во моја близина работи и живее жена која дваесет и пет години живеела со психолошки насилник. Никогаш не одела на кафе со колешките после работа. Никогаш немала време за било што освен да си оди дома. Иако тој не ја чекал таму. Но, му беше важно да знае кога си доаѓа. Денес, кога поради околностите во нејзиниот живот некако се ослободи од него, часовникот сè уште се навива според нејзините доаѓања дома. Еден живот стана сам своја сенка. За некои деца, тоа ќе биде модел на однесување.

Уште еден 8 март е пред нас. Една ќе добие цвет, друга ќе се почасти со фризура, третата ќе оди на вечера со друштвото. Во ритамот на фолк мелоси, ќе се обиде да заборави дека утре ќе мора да објасни до кого седела и дали дома ја донел колега или такси.

И потоа 9-ти и сите други денови, маршеви, ќе дојдат години. Во кои ќе броиме фемициди, ќе изговараме слогани и лицитираме со општи места.

Додека жените живеат во страв, немоќни и уморни од од тоа постојано да докажуваат дека имаат проблем. Сè додека не станат жртва. И повод за дводневно оплакување на социјалните мрежи.

 

Три слоја на превенција

Со превенцијата на родово заснованото насилство се занимаваме како да станува збор за кампања, а не за живот. Како да е доволно, еднаш годишно, да се потсетиме дека жените преживуваат тепање, закани, прогон, контрола, силувања, економска исцрпеност, за сето тоа на крај да заврши онака како што завршува премногу често – со убиство на жена затоа што е жена.

Во реалноста, превенцијата не е постер. Превенцијата е долгорочна, скапа, здодевна и неопходна работа – онаа што се прави кога нема камери. Превенцијата е во училишните клупи, во полициските записници, во канцелариите на центрите за социјална работа, во судниците, во одлуките на обвинителите, во здравствените институции, во протоколите, во обуките, во буџетските ставки. Превенцијата е во тоа ризикот да се препознае навреме, на жената да ѝ се верува додека е жива, заканата да се третира како закана, а не како емоционален испад, и институциите да не чекаат епилог за да се однесуваат како да им е грижа.

Кога зборуваме за превенција, првото нешто што треба да го направиме е да престанеме да зборуваме за тоа како за едно единствено нешто.

Примарната превенција значи спречување на насилството пред да се случи. Таа не се занимава со поединечен случај, туку со општеството кое произведува и нормализира насилство. Се занимава со тоа како момчињата учат дека доминацијата е доказ за машкост, а девојчињата дека покорноста е доказ за зрелост. Се занимава со тоа што сметаме за шега, а што за навреда, што подразбираме под љубов, а што под контрола, колку уживаме во понижувањето на жена што не ни се допаѓа и колку оваа забава отвора простор насилството да биде општествено прифатливо.

Примарната превенција е образование, медиумска писменост, ненасилна комуникација, родова еднаквост како дел од  општата култура, а не како посебна тема што може да се опфати ако има време, туку како содржина што се учи систематски, континуирано, преку планови за лекции, учебници и училишна пракса.

Секундарната превенција значи препознавање на насилството штом ќе започне и спречување на ескалација на истото. Таа се занимава со првото пријавување, првата закана, првата забрана за пристап, првата проценка на ризик, првиот контакт на жена со полицијата, центарот за социјална работа, здравствената институција, обвинителство. Таа се занимава со моментите во кои системот одлучува дали на жената ќе ѝ ја отвори вратата или ќе ѝ објасни дека претерува, дека и тој е нервозен, дека тоа се брачни работи, дека треба да се смират, дека не треба да го руши семејството. Секундарната превенција се занимава со проценка на ризик, најважната точка без која сè друго станува фолклор, бидејќи секое убиство на жена не започнало со убиство. Започнало со закани, контрола, следење, конфискација на телефони, наредби за забрана на движење, изливи на љубомора, изолација, претходно насилство што некој го видел, слушнал, знаел, снимил или требало да го сними.

 

Секундарната превенција е кога прашувате дали насилникот има пристап до оружје, дали  претходно прекршил наредба за забрана на движење, дали се заканува дека ќе ја убие, дали веќе бил насилен кон други жени, дали насилството се интензивира по раскинување, дали жената е економски зависна, дали има деца, дали ја гони, дали ја следи, дали ја надгледува, дали ја гушел, бидејќи гушењето не е инцидент, туку најава.

Терцијарната превенција значи работа откако насилството веќе се случило, спречување на повторување и намалување на последиците. Вклучува заштита и поддршка за жртвата, засолниште, правна помош, психосоцијална поддршка, економска помош, рехабилитација, како и работа со сторители.

Терцијарната превенција е исто така она што се прави со деца кои биле сведоци на насилство, бидејќи детето кое го гледало својот татко како ја понижува својата мајка не е неутрално. Детето не заборавило. Детето научило. И многу е можно да ги усвои истите обрасци или во иднина да го нормализира таквиот начин на однесување кон себе.

Грижата за превенција не смее да се насочува исклучиво кон невладините организации бидејќи тие не се замена за државата. Исто како што не смееме да ги перцепираме сигурните куќи како единствена мерка, тие не се дел од превенцијата, туку последно средство кога сè друго не успева.

Превенцијата не смее да се базира само на кампањи бидејќи тие траат кратко, сè додека вниманието на јавноста е зголемено, додека пак насилството трае подолго. Превенцијата е работа на целиот систем.

 

Институции, а не ентузијазам – од училиште до суд.

Министерството за образование мора да биде обврзано да воведе содржина за родова еднаквост и ненасилна комуникација во наставната програма, а да не дозволи тоа да биде прашање на ентузијазам на поединечни наставници. Не е доволно да се зборува за насилството еднаш годишно на час, ниту да се решава проблемот со поканување на гостин-предавач од невладиниот сектор да одржи предавање, за сите да се чувствуваме подобро. Ако училиштата немаат системска едукација – причината не е во тоа што нема знаење за тоа што

треба да се направи. Причината е во политичката волја, во стравот од темата, во опортунизмот, во вечната проценка дека родовата еднаквост е премногу чувствителна за да биде дел од наставната програма, како да е почувствително да се зборува за почит отколку да се гледа насилство во реалноста. Математиката се учи во училиштата затоа што е важна. Родовата еднаквост е важна затоа што е прашање на живот. Ако тоа не е доволно за системско  образование, тогаш е јасно дека проблемот е во вредностите, а не во логистиката.

Министерствата за внатрешни работи мора континуирано да ги обучуваат полицајците за родово базирано насилство, за проценка на ризик, за комуникација со жртвите, за тоа како изгледа контрола, како изгледа следење, како изгледа дигитално насилство, како изгледа економско насилство

Полицијата е често првата институција кон која се обраќа жената, а начинот на кој реагира полицаецот одредува дали жената некогаш ќе се врати во системот. Ако ѝ се каже дека претерува, дека станува збор за семеен спор, дека треба да се смири, да си оди дома – тоа е институционална порака дека е сама. Ако ѝ се каже дека заканата се евидентира, дека ризикот се проценува, дека мерките се преземаат веднаш, тоа е порака дека државата постои.

Обвинителствата мора да имаат специјализирани капацитети и обуки, бидејќи родово базираното насилство не е обичен прекршочен предмет. Тоа има шема, динамика, циклус. Секој што работи во обвинителство мора да разбере дека заканите не се емоционална драма, туку дел од контрола. Центрите за социјална работа мора да бидат кадровски и финансиски овластени да ја вршат својата работа. Здравствениот систем мора да го препознава насилството и да има протоколи, бидејќи жените доаѓаат во клиниките со модринки и несоница, со панични напади, со хронични болки, а зад тоа стои живот под контрола.

Она што е од суштинско значење за превенцијата се програмите за работа со сторители на насилство. Во многу општества постојат програми за третман, со јасно разбирање дека тие не се изговор и не се замена за казна, туку дополнителна алатка за запирање на насилството. Во нашата земја, ова се дискутира спорадично. Во пракса, честопати завршуваме со ситуација во која сторителот се лизга низ рацете на системот со минимални последици, со верување дека сам ќе се промени, со општа тенденција да ја толкува својата експлозивност како брачна динамика, со вечна потреба околината да види во него добар човек, спортист, работник, човек кој е инаку фин. Овој збор е еден од најопасните зборови во јавната сфера, бидејќи го претвора насилството во исклучок од правилото, кога всушност насилството најчесто е правило. Програмите за работа со сторители мора да бидат дел од системската пракса, а не проект што повремено се лансира со средства од донатори. Ако државата може да финансира многу помалку важни работи, може да финансира и нешто што го намалува ризикот од убиство на жена.

Донациите не се систем. Кој плаќа за превенција?

Во системот за превенција, прашањето за инвестирање јавни пари е едно од

клучните. Колку јавни средства се инвестираат во едукација на полицијата, судиите, обвинителите и центрите за социјална работа. Колку средства се инвестираат во училиштата за наставниците да имаат ресурси и обука за родова еднаквост и ненасилна комуникација. Колку се вложува во сигурни куќи, не како добротворна организација, туку како буџетска обврска. Колку јавни пари се инвестираат во програми за третман на сторители. Колку се инвестира во протоколи за проценка на ризик, алатки, бази на податоци и институционална координација. И колку од тоа постои без да зависи од невладиниот сектор.

Со години, невладините организации работат работа што државата не сакаше или не можеше да ја направи. Тие обезбедија обука, напишаа препораки, вршеа притисок, го држеа прашањето за насилството во очите на јавноста кога институциите не сакаа да го видат. Но, невладиниот сектор не е држава. Невладиниот сектор не може да потпишува резолуции.

Затоа проценката на ризик е местото каде што системот е разоткриен.

Проценката на ризик не е општ впечаток на полицаец или социјален работник.

Проценката на ризик е метод. Таа бара институциите да работат заедно и информациите да не остануваат во фиоки. Таа бара извештаите да бидат поврзани, да се види шема, секој инцидент да не се третира како изолиран унастан, туку како дел од спирала. Таа бара ризикот да се третира како итен.

Таа бара жената да не биде враќана во истата ситуација со образложение дека мора да се почитува процедурата, како да е поважна од нечиј живот.

Насилството често се дискутира дури откако ќе се случи, а ова е начин да се смири општеството. Ја оплакуваме жената неколку дена, пишуваме статус, споделуваме фотографија, велиме дека била убава, успешна, добра мајка, добра работничка, како убиството да не би било помалку страшно ако таа не била ништо од тоа. Во овој постфестум модел на реакција лежи најголемата лага за превенцијата. Превенцијата не е реакција. Превенцијата е работа пред да дојде до крв. Превенцијата е подготвеност сериозно да се сфати насилството додека сè уште има време и подготвеност институциите да престанат да се однесуваат како да не е нивна работа додека не се појават камери.

Превенцијата започнува дента кога жената ќе добие претпоставка за

веродостојност, а насилникот претпоставка за ризик.

Кога ќе престанеме да бидеме изненадени

И да, секако дека не е сè во институциите. Примарната превенција е исто така и општествена одговорност. Таа е во она што го гледаме, што го споделуваме, кому му се смееме, кого понижуваме, што коментираме под фотографии од жени што не ни се допаѓаат. Секој пат кога учествуваме во јавно понижување на жените, го прошируваме просторот во кој насилството е дозволено. Секој пат кога ја релативизираме заканата, учествуваме во култура која чека заканата да стане реалност. Но, општествената одговорност не може да ја замени институционалната одговорност.

Затоа прашањето за инвестирање јавни пари мора постојано  да се поставува.

Колку од финансиите одат кон превенција, а колку за перформанси. Бидејќи кога нема буџет, сè е импровизација, а кога сè е импровизација, жените живеат на среќа.

Превенцијата на родово базирано насилство подразбира да престанеме да се помируваме со тоа животот на жената да се мери според разумноста или неразумноста на нејзиниот партнер. Подразбира да престанеме да бидеме изненадени кога ќе се случи убиство, бидејќи изненадувањето често е замена за одговорност. Тоа значи дека го третираме насилството како шема, а не како инцидент. Тоа значи дека институциите престануваат да бидат места каде што на жените им се објаснува што можеле да направат поинаку и стануваат места каде што на сторителот јасно му се кажува што го чека. Тоа значи дека ризикот се проценува и се преземаат мерки пред да биде предоцна.

Ако сакаме сериозно да зборуваме за превенција, тогаш мора да престанеме со практиката насилството врз жените да се споменува само кога ќе дојде датумот или кога ќе дојде смртта.

 

Вториот чин на насилство – кога заминувањето не е крај

Дел од превенцијата, или барем од  разбирањето на моделите на насилство, е и откажување од непотребни прашања, кои најчесто гласат: зошто не пријавила,

зошто не заминала, што гледала во него, каде ѝ бил умот, зошто родила деца. Понекогаш прашуваат зошто не го претепала, како женското тело да е должно да се брани од систем кој не се поместува. Овие прашања не се за разбирање. Тие служат за распределба на вината, за да им биде полесно на сите, а на жената  најтешко.

Она што не го прашуваме, и се преправаме дека не постои, е животот по излегувањето од заедничко живеење со насилникот.

Темата е неподносливиот терор со кој се соочуваат жените кога конечно ќе најдат сила да си заминат, и кога, со трошките преостаната сила, се обидуваат да изградат свој, нов живот. Потоа започнува вториот чин на насилство, оној во кој поранешниот партнер ги користи сите механизми кои му се на располагање. Децата стануваат инструмент за контрола. Средбите стануваат можност за нова закана. Пораки, повици, следење, појавувања, жалби, притисоци, лажни пријави, кампањи на дискредитација, барања за промена на старателството, сето тоа често се чита однадвор како конфликтен развод, а одвнатре е продолжение на истата логика, мое е, и кога не си моја. И сето ова се прави под превезот на еден збор кој во институциите звучи свето. Семејство.

И иако често има докази за системска психолошко малтретирање, обиди за

демонизација и дискредитација, институциите се однесуваат како да немаат механизми за реакција. Понекогаш дури се однесуваат како да имаат повеќе трпение за насилникот отколку за жената. Како нејзината исцрпеност да е прифатлива нуспојава на процедурата. Како да е нормално таа да докажува со години она што веќе еднаш го докажала.

Затоа превенцијата не е само збор што го повторуваме во март. Превенцијата е подготвеност да ѝ се верува на жената пред да се измори од докажување.

Превенцијата е проценка на ризик што се прави сериозно – и се прави секој пат.

Превенцијата е систем што разбира дека излегувањето од насилството не е крај, туку честопати најопасниот дел.

И жената не треба да биде предмет само кога ја нема. Таа треба да биде приоритет додека е жива.

 

Извор: gradjankezaustavnepronjene.wordpress.com

Адаптација: libertas.mk

Превод: Мила Макаровска

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close