ДУИ бара итна оставка од Костадиновски: Дискриминаторски се неговите ставови дека пораките од „Безбеден град“ треба да бидат само на македонски
Доколку не си поднесе оставка, од партијата велат дека Костадиновски од денес па натаму ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) упати остра реакција кон претседателот на Уставниот суд, Дарко Костидиновски, поради дел од неговите ставови искажани на денешната седница на Судот на која се расправаше и одлучуваше по иницијативите против одредби од Законот за прекршоци поврзани со системот „Безбеден град“.
Конкретно, реакцијата на Интегративиците се однесува на ставот на Костадиновски дека пораките што граѓаните ги добиваат за сторен прекршок треба да бидат на македонски, бидејќи тоа е службен јазик во државата и оти не се согласува со подносителите на иницијативите дека со тоа што во Законот не е наведен албанскиот јазик се ускратува правото на негова употреба.
Оценувајќи ги како скандалозни и неприфатливи, од ДУИ велат дека денешните изјави на претседателот на Уставниот суд, како и серија одлуки во последните две години, покажуваат дека оваа институција е претворена во политичка алатка за поткопување на секое достигнување што произлегува од Охридскиот рамковен договор.
„Неговите изјави во врска со проектот „Сејф сити“, според кои СМС-пораките треба да се испраќаат само на македонски јазик, а можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик, претставуваат отворен акт на дискриминација и сериозно кршење на духот и на самиот Устав на државата“,се вели во соопштението од ДУИ.
Според партијата, претседателот на Уставниот суд со оваа постапка не само што ги надминал своите надлежности, туку брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата. Оттаму, во тој контекст, додаваат и дека судиите Албланци и судијата Турчин во Уставен повторно биле надгласани, што потсетува на практики од 1990-тите годин.
Поради тоа, од ДУИ бараат итна оставка од Костадиновски и од секој судија кој, како што велат од партијата, ги дели истите дискриминаторски ставови во изминатите две години преку мајоризација.
Доколку не си поднесе оставка, од ДУИ велат дека Костадиновски од денес па натаму ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи.
„Ние ќе дејствуваме и ќе бараме одговорност за овие ставови, кои не се ниту случајни ниту од денес, туку се градени систематски во текот на последните две години“,додаваат од партијата.
Според интегративците, Костадиновски со своето однесување претставува класичен пример на партиски војник кој е подготвен, како што наведуваат, да запали цела држава за тесни лични интереси.
Во тој контекст од ДУИ, поставуваат и неколку прашања.
„Дали вреди да се запали државата само за вашата сопруга да биде унапредена од Основен во Апелациски суд? Дали вреди да се рушат државата и Уставот само за, по завршувањето на вашиот мандат, да најдете академско засолниште како професор на Универзитет ‘Гоце Делчев’, додека на Универзитетот во Скопје ви се затворени вратите? Дали спиете мирно со сите овие прекршувања што произлегуваат од злоупотребата на вашата службена позиција? Запомнете, Костадиновски: за овие постапки ќе одговарате – порано или подоцна, но ќе одговарате“,се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму додаваат дека за овие, според нив, антиуставни и незаконски постапки покрај Костадиновски и Уствниот суд одговорна е коалицијата ВЛЕН, кои, иако се дел од власта, се без сила и без глас.
„Од одговорност нема да можете да избегате. ДУИ останува цврсто определена во одбрана на уставниот поредок, еднаквоста и духот на соживот во државата. Секој обид за нарушување на овие принципи ќе добие соодветен политички и демократски одговор“,порачуваат од ДУИ
.
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови ги отфрли иницијативите со кои се спореа дел од измените на Законот за прекршоците со кои беше овозможена имплементацијата на системот „Безбеден град“.
Пред уставните судии се најдоа три иницијативи кои беа споени во еден предмет. Две дојдоа од крилата на Алијанса за Албанците, едното предводено од Зијадин Села, а другото од Арбен Таравари. Третата иницијатива ја поднесе младиот правник Или Пачуку. Сумирано, тие сметаа дека системот не се применува подеднакво за сите граѓани, односно дека се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, дека законските измени се во спротивност со Законот за употреба на јазиците бидејќи во нив не е предвидено пораките што ги испраќа „Безбеден град“ до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, односно се испраќаат само на македонски јазик. Дополнително, од крилото на Алијанса на Села имаа забелешка и на тоа што казните пристигнуваат преку порака бидејќи, според нив, не постои законска обврска граѓаните да поседуваат мобилен телефон или електронска пошта.
Во рамките на дебатата, претседателот на Уставниот суд осврнувајќи се наводите од инцијативите, меѓу другото рече дека „Безбеден град“ е проектиран да препознае возило и регистарска табличка, а не јазик.
Претседателот на Уставниот суд на РС Македонија, Дарко Костадиновски / Фото: Архива
„Сметам дека пораката треба да биде на македонски, бидејчи тој е службен јазик и тоа е право и должност на сите граѓани. Добро е пораките да бидат на македонски и на англиски јазик оти и странец може да направи прекршок. Прашањето на јазикот мислам дека е сосема исправно уредено во Законот за прекршоци, каде тој упатува на примена на јазикот, но во постапката. Текстуалната порака е доволно да биде на македонски и на англиски. Тој систем не регистрира човек, туку возило. Тој потоа во сите фази од постапката ќе го користи албанскиот јазики. За поседување мобилен телефон не постои обврска, но нема обврска ниту за поседување возило“,рече Костадиновски.
Претходно од ДУИ реагираа на постапката што Уставен ја поведе во врска со Законот за употреба на јазиците, а од партијата жестокот го критикуваа Костадиновски за укинувањето на „балансерот“, алатката за вработување според националната припадност во државните институции.
извор 360 мк






