„Макпетрол“ сè уште нема добиено официјално известување за намалување на набавната цена од добавувачот


И покрај тоа што во јавноста се појавија информации дека набавната цена на дизелот ќе биде намалена, до „Макпетрол“ од страна на ОКТА до денес не е пристигнато официјално известување врз основа на која што би се промениле договорните услови помеѓу двете компании. Наместо тоа, од страна на добавувачот и понатаму се испраќаат фактури во полна сума, односно без најавениот попуст.

Во однос на соопштението испратено до јавноста од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), „Макпетрол“ смета дека ова тело со ваквото укажување до трговците излегува надвор од своите овластувања и професионалните стандарди.

„Макпетрол“ уште еднаш нагласува дека ова не е вистинското решение за конкретната ситуација за што потврда се доби и преку зголемените цени кои денес ги објави РКЕ. Како што укажавме, огромна е веројатноста цените на суровата нафта и понатаму да растат. Тоа значи дека ако не се направат соодветни решенија штети ќе трпат и граѓаните и целата економија.

Според „Макпетрол“, најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни е замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и на малопродажните цени, како што е пракса во регионот и во Европа.

Back to top button
Close