(ВИДЕО)„Нема сменета шајка, лебарки се шетаат во кујните…“ – Независниот синдикат на професионални војници обвинува за катастрофални услови во касарните
„Министерот Владо Мисајловски изјави дека целосно се грижи за модернизација на инфраструктурата. Се сликаа покрај реновиран објект, каде покажаа купатило со нови плочки и мијалници. Ова е евтина ПР кампања“, вели претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, кој обвинува дека додека се промовираат реновирани објекти во касарната „Јане Сандански“ во Штип, професионалните војници во најголем дел престојуваат во руини кои, според него, потекнуваат уште од времето на поранешната ЈНА и со децении не се обновени.

Според Насковски, објектите каде престојуваат припадниците на армијата, особено професионалните војници се во катастрофална состојба веќе 35 години и како што вели „не е мрднато со прст“, иако се смениле повеќе влади.
„Погледнете ги објектите кои се изградени од поранешната ЈНА и од тогаш не се реновирани, а во нив престојуваат 90 отсто професионални војници, и не е ставена ни една шајка во овие објекти во овие 35 години. Погледнете ја хигиената и условите за исхрана во најголемата кујна во најголемата касарна во Македонија, каде што лебарките се шетаат по лебот кој се дели на војниците“, вели Насковски преку видеообраќање преку Фејсбук, каде објави и фотографии.
Како што посочува „ова е реалноста, а не празниот и лажен ПР на министерот за одбрана“.
„Тој ја покажува само таа страна која му одговара, затоа ние како синдикат ќе ја покажеме вистинската и реална ситуација во објектите каде што престојуваат професионалните војници“, посочува Насковски.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски вчера рече дека мора многу да се вложува во армиските капациети. Треба да се обнови инфраструктурата, но, како што кажа, неопходен е и стручен, квалификуван кадар – пилоти, техничари, механичари, доктори…
„Мора да ја обновиме инфраструктурата. Многу касарни порано беа дадени на општините и дел од тие се продадени, земјиштето е продадено. Тие капацитети ги нема. Се размислува за обука на пилоти, но потребни се и доктори, техничари, механичари, секаков квалитетен кадар. Ќе се распишуваат различни позиции, а секој што ќе се пронајде е добредојден“, рече Мисајловски.
Министерот рече дека ваква состојба наследил кога дошол на функцијата, нагласувајќи дека максимално посветено работи за подобрување на состојбите во министерството и одбраната. Исто така, неодамна најавија конкурс за прием на 300 нови војници во Армијата






