Призма-Не ја спречиле пиротехниката во „Пулс“ и не овозможиле безбеден излез
Обвинението за 13 полицајци открива кои се нивните пропусти
Началник на СВР Штип и на ОВР Кочани, главен инспектор за прекуграничен криминал, инспектори за дрога и оружје и за општ криминал, сменоводители, водич на реон во Кочани… Oва се профилите на полицајците кои треба да седнат на обвинителна клупа на први април, кога почнува судењето за полициското непостапување во кочанската дискотека „Пулс“.
Обвинението кое БИРН го доби од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја лоцира одговорноста кај 13 полицајци затоа што не постапиле според усвоениот план за акциска контрола во дискотеката, на кобниот 16 март 2025.
Планот бил одобрен два дена пред да се случи трагедијата на 14 март. Обвинителката Ивана Алексова Трајчева ги товари полицајците дека планот бил одобрен без да се спроведат сите неопходни проверки кои се во надлежност на МВР.
„Двајца од обвинетите планот го изготвиле врз основа на претходно изготвени планови, без да изменат каква било точка што би била во корист и ефикасност при постапувањето“, стои во обвинителниот акт.
Полицајци од Пробиштип и Кочани биле испратени во 2 часот по полноќ да направат акциска контрола, а други обвинети не им дале „конкретни насоки како да постапуваат внатре во кабарето ‘Пулс’“.
Деветмина од нив влегле десетина минути пред да се запали пиротехниката во 2 часот и 22 минути. Тие, заедно со нивниот колега полицаец што почина во пожарот, Тоше Тодоровски, се обвинети дека не презеле мерки да ги откријат прекршоците и другите кривични дела за кои е надлежна полицијата. Со други зборови, не го спречиле активирањето на пиротехниката во моментот кога ја вршеле контролата.
Целата анализа „Една година по ПУЛС- Незавршена истрага и четири судски процеси“ на Васко Маглешов прочитајте ја ТУКА







