ДУИ: Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати
Демократската унија за интеграција денес излегува со конкретни податоци и детална анализа во врска со неинтервенирањето на Владата пред драматичниот раст на цените на нафтените деривати, се вели во соопштението на ДУИ од денешната прес-конференција на Имране Велиу Алиу.

„Врз основа на годишната, месечната и дневната потрошувачка во С. Македонија, произлегува дека потрошувачката на нафтени деривати за транспорт изнесува околу 720.000 тони годишно, односно:
• Месечна потрошувачка: 60.000 тони (60 милиони литри)
• Неделна потрошувачка: 15.000 тони (15 милиони литри)
• Дневна потрошувачка: 2.000 тони (2 милиони литри)
Неинтервенирањето на Владата им чини на граѓаните и бизнисите околу 685.000 евра дневно, односно над 5,15 милиони евра неделно.
Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати.
Затоа, бараме итни мерки од Владата за заштита на граѓаните и економијата од овој неподнослив товар“ велат од опозициската ДУИ
Посебен акцент беше ставен на граѓаните кои секојдневно патуваат кон Скопје, а Валиу-Алиу изнесе бројки околу тоа колку би плаќале на годишно ниво овие граѓани доколку не се интервенира во цените.
Според нивните пресметки, граѓаните на Тетово на годишно ниво би плаќале околу 600 евра повеќе по лице, оние што патуваат од Гостивар по 780 евра, а кумановците што секојдневно доаѓаат во Скопје годишно би трошеле околу 579 евра повеќе.
Од ДУИ сметаат дека овие бројки се алармантни и дека директно го влошуваат животниот стандард.
Партијата упати јавно барање до Владата за итно носење мерки што би го ублажиле овој „неподнослив товар“ врз економијата и домаќинствата.
Пред една недела ДУИ ѝ предложија на власта мерки за спречување злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден.






