За ВМРО-ДПМНЕ проектот БРТ е скап и нефункционален, а Орце Ѓорѓиевски брза да го реализира
Скопскиот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека Градот започнува со реализација на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) откако Владата го одобри договорот за негова имплементација.

Проектот за БРТ почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов. Тој уште во 2019 го најави проектот.
Во јули 2021, проектот ѝ беше презентиран на јавноста
По презентацијата на проектот од ВМРО-ДПМНЕ на 8 јули 2021 преку партиско соопштение го критикуваа велејќи дека е скап, не е за Скопје и дека ќе се уништи средишното зеленило на булевар Партизански одреди.
Претходната скопска градоначалничка Данела Арсовска на 16 декември 2021 година го стопираше проектот велејќи дека тоа не е проект од нејзината програма.
Актуелниот скопски градоначалник Ѓорѓиевски на прашањето зошто проектот е добар, кога ВМРО-ДПМНЕ 4 години го критикуваше и уште толку не гласаше за негово продолжување, рече дека тој лично никогаш не го критикувал овој проект.
Инаку, проектот предвидува воведување на две линии и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Предвидено е од Ново Лисиче до Ѓорче Петров да се стасува за 30 минути.






