Со „фингерпринт“ за работно време, ќе добиете само револт, оти платите ни се помали од специјалистите во Косово, порача д-р Лазаров до министерот

Докторот Ненад Лазаров остро реагираше на најавата на министерот за здравство Азир Алиу за воведување систем со фингерпринт за следење на работното време на здравствените работници.

Според Лазаров, ваквата мерка нема да донесе суштински подобрувања во системот, туку ќе предизвика револт кај медицинскиот кадар, особено во услови кога, како што посочува, платите на специјалистите во земјава се пониски од оние во регионот, вклучително и во Косово.

„Само револт ќе добиете како фидбек во ситуација кога платите на специјалисти во земјава се помали од плати на специјалисти во Косово. Ни треба ефектива кога е некој на работа а не точен број минути присутност во болницата. Нема помали плати во здравство во Европа“, напиша Лазаров.

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека Министерството воведува построги мерки за следење на работата на здравствените работници, со цел да се обезбеди ефикасно работење и транспарентност во здравствениот сектор. Алиу најави воведување на нов систем за регистрирање на работното време преку фингерпринт и потенцираше дека ќе се преземат законски мерки против институциите и директорите кои нема да ги почитуваат правилата.

Back to top button
Close