Мицкоски: Подготвени сме да чекаме и децении, уставни измени нема да има без предвидливост и јасен крај

На денешната прес-конференција во Охрид, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија, рече оти актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес. Воедно, тој упати и остра критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајки го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.

Мицкоски рече оти државата се наоѓа во незавидна позиција поради лошите и криминални политики на претходното раководство, кое, според неговите зборови, го донело „слонот во собата“. Сепак, премиерот е категоричен дека нема да прифати процеси кои директно удираат врз македонскиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост за државата.

 

„Ние ќе се бориме, ова се историски процеси, кај нашиот источен сосед политиарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години, така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум Претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура“,

 

рече Мицкоски.

Додека политичкото прашање со Бугарија останува отворено, премиерот најави дека Владата интензивно ќе ја заврши својата домашна задача, а како примарна цел за испорачување ги посочи обврските преземени во Реформската агенда, вклучително и акцискиот план за малцинствата, искажувајќи амбиција дека Македонија по ова прашање претендира да биде вистински лидер во регионот.

 

Сепак, тој предупреди дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов, игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.

 

„Од другите аспекти секако сме најдобри, споредено со другите земји од Западен Балкан и јас сум убеден дека со јунскиот извештај и во Реформската агенда ќе бидеме најдобри, сега сме рамо до рамо со најдобриот“,

 

рече тој.

Мицкоски упати порака до сите фактори, нагласувајќи дека клучот за овој процес лежи исклучиво кај најголемата политичка партија во земјата, ВМРО-ДПМНЕ и рече оти секој што живее во илузија оти повторно ќе најде марионети кои слепо ќе исполнуваат туѓи барања во државата, тешко се лаже.

 

Во интервју за Радио Слободна Европа, претходно денеска францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер рече оти актуелниот геополитички момент за проширување на ЕУ мора да се искористи сега и порача дека е потребен фокус на суштинските реформи и обновување на довербата со Бугарија, притоа нагласи дека отворањето на преговорите зависи исклучиво од усвојувањето на амандманите. Според него, централна етапа за отворање на првиот и најважен кластер наречен „Фундаментални вредности“ е отворање на уставните измени, точно како што е предвидено во Преговарачката рамка, а кога станува збор за односите со Бугарија, тој прави дистинкција меѓу европскиот процес и билатералните прашања. Ле Риголер порача дека евроинтегративниот пат на земјава неминовно минува низ усвојувањето на уставните амандмани, а дијалогот меѓу Скопје и Софија, како што кажа, не треба да служи за повторно преговарање на европскиот компромис од 2022 година, туку исклучиво за враќање на изгубената доверба.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close