Салмонела е причина за труењето на 120 вработени во РЕК Битола

Салмонела е причина за труењето со храна кај вработени во РЕК Битола. Центарот за јавно здравје ги соопшти резултатите од анализите спроведени заедно со Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и агенцијата за храна, направени по пријавените случаи на стомачни тегоби по вечерата во мензата на РЕК на 24 март.
Околу 120 вработени во комбинатот побараа лекарска помош и се пожалија на стомачни тегоби по консумирање оброк – лазањи со сос – подготвен во кујната на РЕК Битола. Кај еден од вработените е констатирано присуство на стафилококна бактерија.
„Врз основа на анализата на клиничката слика на заболените лица и лабораториските наоди кај пациентите, состојбата укажува на појава на салмонелоза. Причинител најверојатно е бактеријата салмонела изолирана кај пациентите која, според важечките прописи за микробиолошки критериуми за безбедност на храната, не смее да биде присустна во прехрамбените производи и суровините“, соопшти директорката на Заводот Светлана Поповска-Кљусева.
Сите заболени се вработени лица во Рудникот каде храната била дистрибуирана во спакуван оброк и јадена со временско одложување. Салмонелата е позната дека многу брзо се размножува на собна температура. Не се евидентирани заболувања меѓу вработените во Термото, каде храната се јадела веднаш по подготовката во контролирани услови.






