Ленче Ристоска си поднесе оставка од обвинителската функција
Обвинителката Ленче Ристоска денеска си поднесе одставка од обвинителката позиција, а како што може да се забележи од нејзината изјава, поради голема разочараност од состојбата во која се наоѓа Обвинителството.
Ја пренесуваме изјавата на обвинителката во целост:
-Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како позив и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните. Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи.
Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.
Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните.
Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.
Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција.
Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба, вели Ристоска.
Талир „војна“ на Мицковски со Ристоска
Ристоска, беше дел и од Специјалното јавно обвинителство кое всушност ги отвори случаите „Талир“. И по згаснувањето на СЈО, таа продолжи да ги застапува се до одлуката на Савески. Во овие предмети се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на целтралиот штаб на партијата, познат во јавноста како Белата палата. Во рамки на овој случај, веќе шеста година многу недвижности на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се замрзнати. Станува збор за имоти што станале партиска сопственост по 2013 година, период кога со партијата раководеше Никола Груевски.
Ристовска е и јавна обвинителка за врски со Европравда. Мицкоски на брифинг со новинарите во декември изјави дека премногу пари се трошат на македонскиот претставник во Европравда, поради што намерата им е да го сведат на статус на дипломат од трето ниво во нашата ЕУ-мисија во Брисел.
Таа есента 2025 се кандидираше и за судија од земјава во Европскиот суд за човекови права и влезе меѓу тројцатапредлози. Но, Владата одлучи да распише нов оглас. Ристовска тогаш изјави дека со отпочнувањето на нова постапка без претходната да се заврши се создава „дуализам на постапките“ е спротивно на правната сигурност и на фер постапка.
Епилогот од „војната“ го добивме денеска. Моќта ги „победи“ доказите за злоупотреби






