ССМ- НОВ РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ НА 1-ВИ МАЈ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ…ЗА ПЛАТИ СЕ БОРИМЕ И НЕ СЕ МОЛИМЕ!
Денеска на прес-конференцијата која се одржа во Работничкиот Дом на ССМ, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го најави следниот голем работнички протест закажан за 1-ви Мај, што ќе значи одбележување на Меѓународниот ден на трудот и следниот чекор во борбата на ССМ за зголемување на работничките плати.
“Почитувани претставници на медиумите, почитувани работници…
Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на седниците заедно со Советот на ССМ кој се одржаа во текот на вчерашниот ден донесе едногласна одлука дека на 1-ви Мај со почеток во 11 часот од пред Работничкиот дом на ССМ започнуваме нов протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работнички плати.
“ЗА ПЛАТИ СЕ БОРИМЕ И НЕ СЕ МОЛИМЕ!” е слоганот под кој оваа година работниците ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот-1ви Мај и ќе излезат на улица рамо до рамо, еден до друг да побараат зголемување на минималната плата, затоа што минималната плата денеска е усогласена од страна на Министерството за економија и труд без согласност на социјалните партнери, односно без согласност на Сојузот на синдикатите на Македонија и на штета на работниците за само 1.667 денари. Тоа што е важно, а според податоците од Управата за јавни приходи кои ги обезбедивме како ССМ е тоа што 50% од работниците во Македонија имаат плата под 600 евра и затоа нашата борба за зголемување на минималната плата е праведна, правична и вреди да се заложуваме максимално за зголемување на истата, затоа што половина од работноспособното население пријавено во работен однос прима плата под овој износ. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината одржа неколку протести и неколку блокади и продолжуваме со протестите, односно на 1-ви Мај повторно излегуваме на улица заедно со работниците.
Продолжен викенд, затоа оваа прес-конференција ја одржуваме денеска за сите работници да планираат дали платите им се зголемиле доволно за да можат да си овозможат продолжен викенд за 1-ви Мај или ќе ни се придружат на улица, рамо до рамо, да застанат и да се изборат за уште повеќе да се зголемат нивните плати.
Членовите на Сојузот на синдикатите на Македонија, односно раководствата, нивните семејства, луѓето кои се борат за зголемување на работничките плати ќе бидат на улица на 1-ви Мај и затоа ги повикуваме сите работници, ги повикуваме дури и сите прави синдикати на 1-ви Мај наместо скапи коктели во скапи хотели, во скапи ресторани да направат првомајски протест на кој ќе покажат дека платите во Македонија се ниски.
Борбата за зголемување на платите, борбата за работничките права која ја правиме по повод Меѓународниот ден на трудот е борба која започнала неколку стотина години порано во Чикаго кога животот го загубиле луѓето кои протестирале за осум часовен работен ден во светот. Но, клучно е тоа што знаеме дека денеска во Македонија за жал имаме 12-часовен работен ден, шест дена во неделата заради измените на Законот за работни односи кои се случија пред неколку години, а нешто што беше потврдено дури и од Уставниот суд што сметаме дека е жалосно да Македонија како земја кандидат за членка на Европската Унија да има работно време кое го нема на ниту едно место во Европа и затоа уште еднаш ја користиме приликата денеска да ги повикаме работници да ни се придружат на 1-ви мај сите што сметаат дека треба да ја поддржат работничката борба затоа што 1-ви Мај не е ден за скара и за веселби, туку е ден за изразување на борбата на работниците која години наназад се изразува. ССМ повторно ја врати и ја воведе традицијата од 2018-тата година за излегување на 1-ви Мај, а претходно
Сојузот на синдикатите на Македонија за жал неколку години не излегуваше да протестира, не излегуваше да бара зголемување на работничките плати и не излегуваше на одбележување на 1-ви Мај на улица преку протести, но сметаме дека овие години покажавме дека оваа традиција не смее да замре без оглед на тоа дали е продолжен викенд, дали е во средина на недела или слично…
Нема изговори во борбата за зголемување на работничките плати и затоа ги повикуваме работниците да се придружат на истата”.






