Ивана барала полиција – оператор ја препраќал кај куќен совет

5

Аудиоснимка од Центарот за итни случаи 112, презентирана денеска во судница, открива драматични моменти од комуникацијата на сега починатата Ивана Јовановска, која на 15 октомври 2025 година телефонски го пријавила својот сопруг Стојанче Јовановски.

Во повикот, Ивана пријавува дека нејзиниот сопруг чува дрога во нејзиниот стан на булевар „Теодосиј Гологанов“ во Скопје, и дека во тој момент е заклучен внатре и не ѝ дозволува да влезе.

„Сакам да пријавам дека во мојот стан сопругот чува дрога“, вели таа во разговорот со операторот, барајќи итно да биде поврзана со полиција.

Од аудиоснимката може да се слушне дека операторот бара дополнителни податоци, меѓу кои и име на сопругот, но Ивана инсистира веднаш да биде поврзана со полиција, без да ги достави сите информации.

Во текот на разговорот, таа директно му се обраќа на сопругот, кој се наоѓал во станот:

„Ќе отвориш или да те пријавам?“ – по што додава „А, сигурен си?“, пред повикот да заврши.

Судот информираше дека овој повик е поврзан со уште еден претходен повик направен истиот ден во 08:38 часот.

Во тој разговор, Ивана барала насоки од операторот како да постапи во ситуација кога некој ѝ го заклучил станот и не ѝ дозволува пристап. Наместо директна интервенција, операторот ѝ предложил да се обрати кај куќниот совет, а доколку не добие помош – да биде поврзана со противпожарната служба.

Ивана појаснила дека куќниот совет нема клучеви од нејзиниот стан и повторно побарала да биде поврзана со полиција. Сепак, операторот повторно ја упатил на куќниот совет, со можност пожарникарите да ја отворат вратата доколку е потребно.

„Не ми е проблем да се скрши вратата“, вели таа во разговорот, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата.

Крајот на јуни минатата година Ивана го пријавила Стојанче дека ја тепа во Чаир, но дека не ја знае точната локација каде се наоѓаат, а од полицијата и велат да се јави на 112 за да ја лоцираат.

Презентирани се и пријави во системот на МВР, вклучително и пријава поднесена од Цветанка Јовановска, мајка на обвинетиот, како и записници од увидот. Ова било на 20 декември минатата година. Кога операторот прашува „што има таму“, Цветанка одговара: „обид за убиство“. Таа пријавува дека и детето е тепано и удирано и дека емногу вознемирено, а од позадина се слуша гласен плач.

Пријава имало и од мајката на Ивана во август минатата година, дека Ивана била тепана од Стојанче во станот, посочувајќи дека се разведуваат, а таму била за да земе алишта.

Пријава на 113 имало и од маркет во Ѓорче дека „таткото ја тепа мајката пред детето“. Пријавителката рекла дека не ги познава и му вели на операторот „ве молам дојдете“.

Обвинителката продолжи со изведување аудио запис во кој пријавител е обвинетиот Јовановски. Записот е од 10.2.2026 година, 17.03 часот.

– Се слуша како Стојанче ја пријавува Ивана за семејно насилство. Пријавува дека неговата жена го малтерира и не го пушта од дома. Пријавува дека Ивана му се заканува дека ќе го тепа и дека самата ќе се претепа. Вели дека настанот се случува во станот каде живеат. Му кажува на операторот дека Ивана и претходно го удирала неколку пати, ама досега не ја пријавувал. Додава дека е во тек постапка за развод и дека сè уште живеат заедно – вели обвинителката.

Следниот прикажан ауди фајл беше од критичниот ден, наутро, на 2.3.2026 година. Пријавител е Ивана Јовановска.

Се слуша само како Ивана и Стојанче се расправаат на висок тон. Стојанче вели „Кажи ја вистината“. Во еден дел е неразбирливо, па Ивана му вели дека ја кажува вистината – рече обвинителката.

И во следниот презентиран запис пријавителка е сега покојната Ивана Јовановска. Пријавата е од 2.3.2026 година, 11.25 часот.

– Се слуша расправија, викање меѓу Ивана и Стојанче. Ивана за цело време му вика, „не те местам“. Го прашува „зошто ми се закануваше сега бе“? Стојанче ѝ вели „сакаш ли да те однесам во станица да пријавиш“. Ивана пак го прашува „зошто ми се закануваш, ништо ти немам направено, не сум рекла, не сум рекла“. Стојанче почнува да вика „нема шанси, лажеш“ и се слуша како ја удира Ивана. Таа почнува да вика „престани да ме удираш, престани да ме удираш“. Стојанче уште погласно вика „не лажи“. Ивана за цело време се брани „дали јас те имам наместено, дали ти реков дека Мартин те има наместено, немам кажано такво нешто. Сѐ што имаш направено си имаш направено сам“. Цело време таа го повторува ова. Ивана му вели „сакаш ли да одиме во Пролеќе, а ако сакаш да одиме кај Трајче“. Стојанче со висок тон ја прашува „што сакаш?“. Таа му вели „сакам да живеам со тебе“. Му вели „не ме мавај, не ме мавај“. Стојанче прашува „дали ти се закануваше?“. Ивана одговори „да, ми се закануваше дека ќе ми го уништиш животот“. Стојанче вели „ќе ти го уништам животот“. Ѝ вика на Ивана, „ниту Катја ќе ја видиш, ништо нема да видиш. Ако сакаш пријави ме, кај сакаш иди. Ќе лежам во затвор, ќе излезам“. Потоа ѝ вели „подобро убиј ме“. И пак го повторува истото. Потоа ѝ вели „друго немаш избор, памти ми го ова“ – рече обвинителката, по што го пушти исклучително вознемирувачкото аудио, снимено неколку часа пред самоубиството на Ивана.

На аудиото Ивана силно и вознемирено се дере на сиот глас, гласно се дере и Стојанче и се слуша како ја удира Ивана.
На ова аудио, во траење од околу 2 ипол минути, се слуша и операторот кој неколку пати повтори „Ало, полиција“, ама никој не му се обрати.

Во еден момент додека се презентираше снимката обвинетиот Стојанче рече во судницата „Мартин е ова“, по што судијата го опомена дека ќе го отстрани од судницата.

Одбраната реагираше дека на снимката се слушаат тројца. Обвинителката додаде дека на крајот од снимката се слуша како Стојанче вели „ќе ве тепам и тебе и него“.

Јовановски се товари за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, поврзано со трагедијата од март годинава, кога Ивана Јовановска скокна од шести кат во Тафталиџе, при што животот го загуби и нивното шестгодишно дете. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close