Владата стопира изградба на неколку енергетски објекти, меѓу нив не е централата на бизнисменот Дака

Компанијата Хронос Сум на контроверзниот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ не е меѓу фирмите за кои Владата донела одлуки да се забрани изградбата на неколку големи објекти од енергетиката.
Владата донесе одлуки да се забрани изградбата на три енергетски проекти на приватни инвеститори затоа што немале Решение за одобрување на Елаборат за оцена на влијанието на животната средина.
Меѓу нив се компанијата Алба Енерги Груп на косовскиот бизнисмен Флетон Садику кој планираше да гради фотонапонска централа од 200 мегавати врз почвата на напуштените села Јамуларци и Скандалци близу Штип.
Алба Енерги Груп заедно со контроверзниот црногорски бизнисмен Давидовиќ Дака поседуваат по половина од двете села во Штип.
Катастарските податоци покажуваат дека Алба Енерги Груп, заедно со контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, поседуваат по половина од двете села.
Хронос Сум и Алба Енерги Груп купиле по над 900 хектари земја во штипските села Јамуларци и Скандалци, но, според Одлуката од 2023 година за донесување урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за површински соларни и фотоволтаични електрани (над 10 МW) околу 150 хектари им остануваат надвор од урбанистичкиот план.
Поточно, сосед на фирмата од Косово, која урбанизираше површина од над 7 милиони квадратни метри, е фирмата Хронос Сум ДООЕЛ Скопје. Таа е фирма-ќерка на компанијата Нексан ДОО од Никшиќ, Црна Гора, која, пак, е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака.
Во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци, фирмата на Давидовиќ поседува над 9 милиони квадратни метри земјиште, односно над 900 хектари.
Контроверзниот црногорски бизнисмен Давидовиќ е еден од најголемите земјопоседници во Македонија, кој заврши на црната листа на САД поради наводно перење пари за криминални организации и затоа што неговите коруптивни активности ѝ овозможиле на Русија да ја компромитира независноста на црногорските институции и да влијае врз изборите.
Засега нема ваква одлука за забрана од Владата за компанијата „Хронос Сум“ на Давидовиќ.
Неговата Хронос Сум се најде во годишниот енергетски план на министерството за енергетика кој се однесува на сите заинтересирани фирми кои аплицирале да почнат проекти за изградба на енергетски објекти над 1 мегават во текот на 2026 година.






