Без расправа, Советот на ЈО го усвои барањето на Ленче Ристоска за престанок на обвинителската функција
Прашан да ги коментира причините за оставката на Ристоска, претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, во изјава за медиумите по седницата рече дека нема да коментира бидејќи Советот само констатира престанок на функцијата

Советот на јавни обвинители на денешната седница го усвои барањето на Ленче Ристоска за престанок на нејзината јавнообвинителска функција во рамки на Основното јавно обвинителство Скопје.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, информира дека Ристоска на 2 април по сопствено барање побарала престанок на функцијата, по што, без расправа, констатира дека нејзиното барање се усвојува.
„Овде нема расправа, констатирам дека е усвоено барањето за престанок на функцијата на Ленче Ристоска“,рече Бесими на денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Прашан да ги коментира причините за оставката на Ристоска, претседателот на Советот на ЈО во изјава за медиумите по седницата рече дека нема да коментира бидејќи Советот само констатира престанок на функцијата.
„Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката. Согласно законот, секој обвинител има право во секое време да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме“,изјави Бесими.
Јавната обвинителка Ленче Ристоска минатата недела поднесе оставка од функцијата поради, како што наведе, долгогодишни притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години. Во отвореното писмо, Ристоска упати критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат.
Невладиниот Форум за разумни политики во својата најнова анализа пишува дека случајот со оставката на обвинителката Ленче Ристоска е пример на интегритет и поставување стандарди за одговорно однесување во јавна функција, особено во услови на институционално несогласување.






