Ацо Ристов е нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Собранието на Република Македонија со 68 гласа „за“ попладнево го избра Ацо Ристов за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ристов доаѓа на позицијата на Марко Бислимовски, кој поднесе оставка во февруари годинава.

Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со три децениско искуство во секторите енергетика, хидроенергија и инфраструктурни системи. Во неговата богата биографија се наведува дека е експерт за управување со комплексни проекти како хидроелектрани и пречистителни станици. Ристов е член на Комората на овластени архитекти и инженери со највисоки овластувања за проектирање и надзор.

Од владејачкото мнозинство потенцираа дека станува збор за исклучително квалитетен кадар кој ги исполнува сите законски услови и поседува општествен авторитет потребен за водење на едно вакво независно тело.

Ристов е екс градоначалник на Радовиш од владеачката ВМРО ДПМНЕ и близок пријјател на премиерот Мицковски

Во текот на расправата пратенците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложиле партиски кадар за претседател на РКЕ, а тие од власта посочија дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.

Амар Мециновиќ од Левица оцени дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ затоа што, како што посочи, е близок соработник на премиерот.

Тој најави дека ќе го оспори назначувањето на Ристов со формална претставка до Европската енергетска заедница затоа што „ги нарушува критериумите на ЕЕЗ и не е независен туку директно политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“.

Митко Трајчулевски од СДСМ посочи дека Ристов е поранешен градоначалник и оти доаѓа од бизнис секторот како сопственик на мали хидроцентрали од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.

– Освен формално правни работи треба да имаме и етика и морал, зад него секогаш ќе стои сенката на поврзаност со бизнис интереси. Назначувањето ќе отвори сериозни дилеми и загриженост и кај нашите меѓународни партнери и ЕЕЗ – рече Трајчулевски.

Во реплика, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ, повика да се зборува со факти и оти ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов  ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.

Back to top button
Close