(Видео) „Ќе чекаме суд“: Родителите не добија резултати од обдукциите, токсиколошки анализи имало но се тајна да не влијаеле на судењето

Дел од родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ утрово, на Велики Четврток, ја посетија Судска медицина во обид да добијат одговори за обдукциските наоди, но наместо конкретни информации добиле само потврда дека се направени токсиколошки анализи, без да им бидат соопштени резултатите.

Посетата следува по повеќедневен институционален молк, а семејствата и по овој обид остануваат без јасна слика за причините за смртта на нивните најблиски.

„Дојдовме, ни објаснија дека сѐ е дадено во Обвинителство, дека се направени сите токсиколошки анализи и дека ќе чекаме на вештачењето дадено во суд, да се изјаснат. Денеска не прими директорот Александар Станков, не може тој да каже, мора да се изјаснат на суд. Не добивме информации за резултатите, туку само потврда дека се направени токсиколошки анализи“, рече Александар Наунов.

Тој посочува дека и претходно им било укажано дека објавување на информации би можело да влијае врз судската постапка.

„Ние имавме и претходно средба со него, тој кажа дека ако ни даде било што, тоа ќе влијае на судењето. Чекаме да ја чуеме правата вистина, од што се починати нашите деца. Кога ни починаа децата, тие земале примероци од нив, но немало машина за испитување, а сега има. Кога се направени се предадени на Обвинителството“, рече Александар Наунов.

Истите информации за медиумите ги повтрди и директорот Станков, кој додаде дека не смеат да се споделуваат детали од резултатите поради тоа што истите се дел од доказна постапка и ќе бидат изведени како докази во суд.

Семејствата претходно поставија и рок за институциите да одговорат, најавувајќи дека ќе продолжат со притисокот додека не ја добијат вистината.

Back to top button
Close